четврток, 19 март 2026

Советникот Јанкула побара враќање на таблата со општинското лого со сонцето од Кутлеш во Пустец

На седница на Советот на Општина Пустец, советникот Јордан Јанкула, од редовите на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграцја (МАЕИ) побара од локалната самоуправа поставување на општинското лого со симболот на сонцето од Кутлеш.

Објавено на

часот

Сподели

Тој побара на влезот на Општина Пустец да се постави информативна табла на македонски, албански и англиски јазик, на која ќе биде истакнато логото на општината со сонцето. Исто така, нагласи, дека истото лого треба да биде поставено и во салата на Советот на општината.

„Според законот за локална самоуправа, пред влезот на институцијата и во салата на Советот треба да стои логото на општината. Во Општина Пустец, откако во 2018 година, општината сама ги отстрани таблите со симболот на сонцето, до денес тие не се повторно поставени. Ова е срамота. Општината треба да преземе мерки и да ги постави таблите со нашиот македонски симбол – сонцето. Ова ни е дозволено од државата и општината треба да ја почитува волјата на Македонците во Општина Пустец“, рече Јанкула.

Тој повика локалните власти во најкраток можен рок да постапат по ова барање, со цел почитување на законските обврски и афирмација на идентитетот на македонската заедница во општината.

Градоначалникот  Пали Колефски, се согласи со барањето на советникот Јанкула и вети дека тоа ќе биде направено набрзо, бидејќи тоа е само техничка работа.

Симболот на општина Пустец е утврден врз основа на законските прописи во Албанија, со одлука донесена од советот на општината во 2005 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ