Пред да се отвори расправа за единствената точка на дневниот ред во рамки на денешната вонредна 69-та седница, пред советниците се обрати градоначалникот Стевчо Јакимовски. Тој образложи дека првенствено Владата ја донела оваа одлука без никакво образложение, кое треба да биде составен дел на правниот акт. Тој посочи дека со одлука на минатата Влада во 2019 година, во Агенцијата за катастар на недвижности, спортската сала Партизан е впишана дека и е дадена на трајно користење на Општина Карпош.
„Притоа, локалната самоуправа воочи некои недостатоци во рамки на спортскиот објект кои се од техничка природа, па затоа со повеќе одлуки на Советот, Општината инвестираше околу 4 милиони денари со цел да ја направи функционална спортската сала Партизан. Во најмала рака би било коректно, Владата да ја извести Општина Карпош пред да ја донесе одлуката за одземање на салата, бидејќи општината со средства од граѓаните инвестирала финансии, за одржување на овој за нив култен спортски објект. Дополнително, веќе се донесени односно усвоени повеќе одлуки од страна на Советот, со кои одредени делови од спортската сала се дадени на користење, со и без паричен надомест“, рече Јакимовски.
Од Општината велат дека со денешното гласање на заклучокот, Советот на Општина Карпош особено се противи на начинот на донесување на предметната одлука и ја оценува како штетна, донесена без консултација и без претходно побарано мислење од општината. Во таа насока, Советот како орган на општината ги задолжува стручните служби на локалната самоуправа и градоначалникот Јакимовски, да поведат понатамошна постапка пред надлежните органи.
По ова, пристигна соопштение од Министерството за спорт во кое се наведува дека спортската сала ќе биде санирана и повторно ставена во функција, откако било утврдено дека објектот стои затворен речиси една година по неговата реконструкција.
Во реакција на изјавите на градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, министерството нагласува дека државата постапила одговорно и транспарентно, и дека објектот, кој е во државна сопственост, ќе биде ставен на располагање на граѓаните и спортските субјекти. Министерството потсетува дека реконструкцијата е финансирана со државни средства во износ од 1,3 милиони евра.
Се наведува дека сите оштетувања настанати поради неупотребата на салата ќе бидат отстранети, а објектот ќе биде безбеден, опремен и функционален.
Министерството, исто така, поставува прашања до градоначалникот Јакимовски во врска со наводни намери за користење на делови од салата за лични и партиски цели, вклучително и отворање кафетерија и користење деловни простории.
Оттаму апелираат за отчетност и транспарентност, истакнувајќи дека јавниот интерес и интересот на спортистите и граѓаните мора да бидат над политичките и личните агенди.






