Кети Петкова, која е една од членовите на работна група за изготвување на предлог-законот за Советот на јавни обвинители, на денешната 26 седница ги информираше членовите на советот дека на предлог на Владата пристигнала алтернатива за депрофесионализација на советот, на кој се спротивставиле во рамки на работната група, но таквиот предлог веќе е ставен на ЕНЕР.
„Ние се спротивставиме на предлогот, посочувајќи дека таква нагла промена не е можна без подетална анализа за последиците. Меѓутоа Владата инсистираше на три члена да се стават алтернативи – Членовите 3, 7 и 12. Со предлогот не се согласи Работната група, но таквиот предлог Закон е закачен на ЕНЕР. Сметам дека како Совет треба да излеземе со заклучок и дадеме забелешка дека не треба да се прифатат овие алтернативи за депрофесионализација“, изјави Петкова.
Претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска, која исто така е член на Работната група за изработка на Предлог законот за Совет на ЈО, рече дека најголем дел од членовите на Работната група, освен од Министерството за правда барале да се стави дека овие алтернативи во Предлог законот не се на Работната група.
„Не сме против ништо, но сметам дека само со три члена не се носи издржана реформа. Бараме законско решение што ќе биде применливо, а не да носи конфузија“, изјави Димитриеска.
Членот на Советот на ЈО Ардиан Демири, во дебатата по предлогот на денешната седница, рече дека иако само малку го разгледал предлогот, смета дека има и други моменти кои се битни и треба да се реагира.
„Едниот момент е тоа што се дозволува кандидати кои се бираат од Собранието преку еден мандат. Друг момент е иницијатива за престанок на мандат на член на Совет избран од Собранието со мнозинство со што се дава голема моќ на Државниот ЈО за интервенирање. Тоа е мое мислење и сметам дека треба да реагираме и на тоа“, рече Демири.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на ЕНЕР е поставен на 20 мај годинава и сѐ уште е отворен за коментирање.
Со алтернативата на член 3 се изостава став 4 кој гласи дека „функцијата член на советот е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на друга јавна функција и професија“, додека предложената алтернатива на член 7 предвидува бришење на став три од членот кој гласи дека избраните членови на советот од редот на јавните обвинители, додека им трае мандатот, им мирува функцијата јавен обвинител. Член 12 пак се однесува на случаи за изземање на член на советот.