„Од иницијалната лидерска средба за Планот за раст, исто така одржана во Скопје во јануари 2024 година, преку самитите на Западен Балкан и ЕУ во Тирана, Котор, Берлин и Брисел, постигнат е значаен напредок во интеграцијата на регионот со Унијата. Меѓу другите постигнувања, за поздравување е пристапувањето на дел од земјите кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), што ќе придонесе кон подлабока финансиска интеграција со ЕУ; проширувањето на зелените коридори и унапредена царинската соработка со Унијата, за олеснување на трговскиот проток и побрзи гранични премини; усвојувањето на Заедничкиот регионален пазар 2025–2028 и девет нови ЦЕФТА- договори, што ќе ја поттикне регионалната трговија и академската мобилност; воспоставувањето на иницијативата WiFi4WB за распоредување на 5.000 точки за широкопојасен интернет во регионот; како и и серијата иницијативи за приближување до единствениот пазар“, се вели во соопштението на Советот на амбасадори.
Според амбасадорите, ваквиот континуитет на политички дијалог и конкретни чекори се доказ дека само преку јасно дефинирани институционални, правни и финансиски механизми може да се обезбеди преточување на аспиративните цели во оперативни резултати и структурирана имплементација. Со тоа, Планот за раст прераснува од политичка декларација во трансформативна рамка за стабилност, економски раст и интеграција на регионот во ЕУ.
„Во оваа прилика, ги охрабруваме владините институции да пристапат кон доследна имплементација на приоритетите утврдени во заедничката изјава од лидерската средба, вклучително и кон забрзана реализација на реформската агенда во сите реформски области и навремено повлекување на средствата од Инструментот за реформи и раст, што ќе поттикне забрзана економска конвергенција на земјата со ЕУ, и пред полноправното членство“, препорачуваат од Советот на амбасадори.
Воедно, потсетуваат дека стремежот за членство во Европската Унија – стратешка определба на Македонија уште од нејзиното осамостојување – се темели врз вредностите на „единство во различностите“, кои се во сржта на европскиот проект.
„Во тој дух, нагласуваме дека македонскиот национален идентитет е историска, општествена и политичка реалност — исто како и идентитетите на останатите етнички заедници во нашата земја, а државата доследно покажува дека знае да го заштити, негува и унапредува севкупното идентитетско богатство на своето население. Оттука, македонскиот идентитет не смее да биде предмет на негирање, условување или политизација во рамките на процесот на пристапување, ниту пак сведуван на симболични или тривијални одредници.
Ги поздравуваме напорите на сите релевантни политички чинители во земјата да застанат обединето во заштита на овие темелни вредности. Истовремено, потенцирајќи ја цврстата определба за ЕУ – интеграција на земјата, веруваме дека европските партнери и институции ќе останат доследни на принципите на почитување, еднаквост и инклузивност врз кои е изградена Унијата“, порачуваат од Советот на амбасадори.






