„По сите наши реакции од страна на инвеститорот „Нов дом инвест“ (сопственици: Ален Матх, Катерина Павловска, Исмет Османи и Бесим Османи), добиваме само изговори и лажни ветувања. Последното е дека зградата ќе биде готова во јули оваа година, а еве веќе сме август. Изговорот на инвеститорот за доцнењето со изградбата на зградата е дека има недостиг од работна сила на пазарот. Ова нема основа затоа што инвеститорот почна со изградба на други две згради во Дебар Маало и ги заврши пред рокот на предвиденото предавање на нашата зграда“, велат во писмото сопствениците.

Тие се сомневаат дека станува збор за тенденциозна злоупотреба на нивните пари кои инвеститорот ги користи за отпочнување на изградба на други објекти. Во меѓувреме цената на становите значително е зголемена и сметаме дека намерата на инвеститорот е да се откажеме од становите, да ни ги вратат парите по пониска цена од актуелната вредност, а тие да ги продадат становите на други, велат несудените станари.
Тие бараат надлежните институции да преземат присилни мерки за итно завршување на зградата, да стават крај на градежната мафија и да ја изменат законската регулатива во насока на поголема заштита на правата на граѓаните од ваков вид на манипулации и злоупотреба на нивните пари.






