„Бараме да се утврди зошто институциите задоцнија. Никој не треба да живее во мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил. Никое семејство не треба да носи болка која е последица на ваков пропуст, негрижа или недејствување. Бараме да се утврди вистината, каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои институции задоцнија, кој ја имал должноста да спречи, а не спречил. Бараме посебна анкетна комисија, затоа што имаме право сите на вистина. Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена“, кажа Ѓорѓиеска во говорот пред закондавниот дом.
За неа, трагедијата во Кочани претставува сериозна навреда на најосновните човекови права – право на живот, на безбедност и право на навремено и ефективно постапување на институциите во ситуација со закана по живот. Таа вели дека Анкетната комисија е неопходна за проверка на постапувањето на сите институции од локално до централно ниво, да се утврди евентуална политичка или службена одговорност и да се подготват мерки кои ќе гарантираат дека ваква трагедија никогаш веќе никому нема да се случи.
„Ние не бараме сочувство, тоа за жал не ги враќа нашите најмили и не може да ни ја избрише болката. Бараме институционална вистина, фер постапка и гаранција дека ниту едно семејство нема да се разбуди во ноќта којашто ние ја преживеавме. Ваша должност е да ја заштитите јавноста и сите граѓани“,им порача Ѓорѓиеска на пратениците.
Таа посочи дека на денешниот марш зборуваат како луѓе, семејства и родители, кои сфатиле дека трагедијата што се случи во Кочани може да му се случи на кој било и дека никој не е заштитен кога институциите не ја вршат својата работа.
„Маршот за ангелите“ во Скопје започна во 12:05 од плоштадот „Македонија“.






