„Во општество каде што телевизијата во живо игра улога во обликувањето на јавниот дискурс, од најголема важност е сите учесници да одржуваат висок стандард на комуникација и да говорат со почит кон соговорниците, но и кон публиката. Тоа не беше случај во еден дел на дебатата, но модераторот Видиновски направи напор да ја деескалира ситуацијата и да го одржи стандардот со професионализам и смиреност што се бара од медиумските практичари. Сепак, инцидентот доби загрижувачки пресврт кога директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, интервенираше на телевизија во живо, со барање Рамадани веднаш да го напушти студиото.
Изразуваме сериозна загриженост во врска со оваа интервенција, бидејќи директно го нарушува принципот на уредувачка независност што е камен-темелник на независното новинарство. Дејствата од ваква природа можат да ѝ наштетат на независноста на медиумот и да ризикуваат да ја поткопаат довербата на јавноста во медиумите генерално.
Категорично ги осудуваме сите дејства кои ја компромитираат уредувачката независност од страна на раководните структури на медиумите, а дополнително ја нагласуваме важноста од зачувување на овој принцип за одржување на кредибилитетот на новинарството во Македонија. Коментарите на Рамадани кон водителот Видиновски, кои во одреден дел од дебатата беа конфронтирачки, не смеат да бидат оправдување за таков тип на интервенции.
Во контекст на вчерашните настани, ги повикуваме сите медиумски професионалци, јавни личности и учесници во јавните дебати да придонесат позитивно и со почит кон јавниот говор, поддржувајќи ги принципите на почитувана комуникација и уредувачка независност“, соопштија ЗНМ, СЕММ и ССНМ.