„Информираме дека со измените на Кривичниот законик, за кои се залагаше ЗНМ, а кои стапија на сила во февруари оваа година, загрозување на сигурноста на медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело каде што МВР и ОЈО имаат обврска да постапуваат по службена должност против сторителите. Казните за оние кои ја загрозуваат сигурноста како и за оние кои предизвикуваат чувство на несигурност или страв на новинарите, се парични казна или затвор до една година. Доколку пак, поради овие закани новинарите се предмет на физички напад казните за напаѓачите се повеќе години затвор.
Бараме од МВР со внимателност да ги истражи заканувачките пораки кон новинарите на ИРЛ, а кон оние профили кои се познати од страна на истражните органи да бидат повикани корисниците на распит и да се преземат соодветни мерки против нив.
Потсетуваме дека Основниот кривичен суд веќе има позитивна судска пракса со условни казни затвор кон сторители кои претходно имаат објавувано заканувачки пораки на социјалната мрежа Фејсбук, а по претходни пријави од наша страна“, соопшти ЗНМ.






