Пратеникот Антонио Милошоски вели дека неизјаснетите над 132.000 лица се граѓани кои го бојкотирале пописот, за кои ВМРО-ДПМНЕ смета дека во најголем дел тоа се Македонци. Од партијата на Државниот завод за статистика му забележуваат дека не требало да ги објави вака бројките, туку да ги соопшти откако ќе ја дефинира нивната етничка припадност.
Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ го смета пописот за некомплетен, Милошоски вели дека кога ќе дојдат на власт ќе спроведат електронски попис по европски стандарди.
По презентацијата на резултатите од пописот спроведен во септември лани, ВМРО-ДПМНЕ излезе со оценка дека бројките се поразителни бидејќи покажуваат дека имаме преголемо иселување, но и дека целата статистичка операција е некомплетна бидејќи 7,2 отсто од населението не се изјаснило во однос на етничката припадност, јазикот, вероисповедта.
„Во Македонија денес беше објавено колку има население, како е тоа население дистрибуирано по региони, општини, по градови, и како е тоа население по етничка припадност изјаснето. Но, за првпат во Македонија имаме една сериозна бројка од 7,2% или повеќе од 132.000 лиза за кои ДЗС и покрај тоа што ги има на располагање сите механизми од образование, до лични карти, матични броеви, изјаснување, по други институции, не успеал да ја дефинира припадноста на овие 132.000 македонски граѓани, жители на државата. Затоа сметаме дека Државниот завод за статистика не се потрудил да ги искористи податоците за да го направи овој попис да изгледа комплетен. Ваквите податоци, пописот го прават некомплетен“, рече Милошоски.






