„Сакаме да го споменеме ликот на Тома Давидов кој беше назначен лично од Гоце Делчев за главен воен ревизор на битолскиот револуционерен округ кој за жал загинал непосредно пред Илинденското востание, но бил главниот човек кој ја направил толку силна воената организација на ТМОРО непосредно пред самото востание.
Но, врв на нашата неодговорност кон историјата е фактот што Илинденското востание го воспеваме со највисоки пофалби, а од главниот штаб на истото тоа востание кој беше составен од: Даме Груев, Борис Сарафов и Атанас Лозанчев го признаваме само Даме Груев, Борис Сарафов се уште официјално го сметаме за врховист, а Атанас Лозанчев дури и за фашист.
Исто така не можеме да сфатиме зошто Илинденското востание го сведуваме само на десет дена во Крушево кога јасно е дека востанието траело повеќе од два месеци и под истата команда и истото решение се кренал и народот во Одринско, односно на „Преображение“ во Одринско, а на „Крстовден“ во Серско. И доаѓаме до моментот кога самите ја намалуваме димензијата на големината на Илинденското востание.
Понатаму кога зборуваме за вториот Илинден АСНОМ, за жал освен Методија Андонов Ченто, кој е официјално рехабилитиран, ниту една друга југословенско–титоистичка жртва не е рехабилитирана.
Се соочуваме со невидена историска хипокризија со која устата ни е полна во одбрана на АСНОМ, а скоро 80 години после тој АСНОМ не сакаме да го погледнеме списокот на луѓето кои учествувале на заседанието на АСНОМ, колку од нив биле убиени, колку мачени по југословенските затвори и колку од нив за жал избегале во Бугарија. Само целосна рехабилитација на жртвите на АСНОМ ќе ни даде право да зборуваме и да го славиме понатаму“, соопшти ВМРО-НП.






