Едно е јасно, за 7 години, оваа Влада целосно изгуби допир со реалноста. Наместо да ја замајуваат јавноста, надлежните треба да се фатат за работа и да го почитуваат начелото на транспарентност за кое што очигледно не се многу заинтересирани, изјави денеска Игор Николов, претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во меѓувреме, целосно ги заборавија ветувањата кои ги дадоа, а се однесуваат на лековите, и тоа, редовно ажурирање на нова позитивна листа, лек во секое време за секој пациент, редовна набавка на квалитетни лекови за 44.000 инсулинско-зависни пациенти.
Устите им се полни со ЕУ и европски вредности, но на дело нема ништо. ЕУ има директива (89/105) која се однесува на транспарентност на мерките за регулирање на цените на лекови.
Оттука прашуваме: Прво, дали Комисијата ја почитува ЕУ директивата за јасна и транспарентна постапка за формирање на цени на лекови?
Второ, дали Министерството за здравство има комисија за формирање на цени на лекови? Врз основа на кои анализи ќе се носат одлуки?
Трето, зошто наместо експерти од разни области, како што предвидува законот, има членови од иста област иако законот предвидува од различна област од медицината?
Четврто, дали ќе се вклучат здруженија на пациенти во овој процес?
Петто, кога може да се очекува нова модерна листа или само се замајува јавноста со цел да се прикаже дека нешто се работи?
Шесто, зошто се доцнеше 7 години со формирањето на комисијата за позитивна листа?
Одговорот на сите овие прашања може да се претпостави. Во стручната јавност впечатокот е дека ова е парцијално решение кое што може да е во интерес на одредени центри на моќ.
Повторно се кријат зад ЕУ стандарди за да реализираат индивидуални интереси на штета на народот.
Во истиот стил на нерационално и незаконско трошење на буџетските средства не смееме да ги заборавиме ниту наводите во последниот извештај на Државниот завод за ревизија за јавните набавки каде се констатира: нерационално користење на буџетските средства, нетранспарентност на постапките, нарушување на конкуренцијата и нарушување на начелото на еднаков третман и недискриминација
Со секое продолжување на вакви политики, се оптеретуваат граѓаните да плаќаат повеќе, и со здравјето и со пари. Токму затоа потребно е итно да замине оваа Влада за здравствениот систем целосно да се рестартира и тоа час поскоро“, изјави Игор Николов.
„Цениме дека време е државата да покаже поголема грижа за репродуктивното здравје на жената, затоа бараме таблетарната терапија за прекин на бременост да биде дел од Позитивната листа на лекови, вели Цеце Петрова од Форумот на жени на Либерално-демократската партија. Според беа планирањето на семејство значи и подобро репродуктивно здравје на жените и нивните семејства.
„Воведувањето на едноставна, нехируршка метода за прекин на бременост претставува значаен чекор напред во подобрување на репродуктивното здравје на жените. Во насока на континуирана грижа за правата и здравјето на жените во државата, предлагаме на Позитивната листа на лекови на товар на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија да се најдат и медикаментите со кои се врши прекин на бременост под лекарски надзор и законски уредена постапка, на целата територија на државата, а воедно би се прекинало трагањето по медикаментите во соседните држави каде тие се достапни“, вели Петрова.
Според неа планирањето на семејство значи и подобро репродуктивно здравје на жените и нивните семејства.
„Абортусот е дел од здравствената заштита на жените, а секој поединец има право на здравствени услуги по највисоки можни страндарди, вклучувајќи ги придобивките од употребата на најновите научни сознанија. Сакам да изразам задоволство од иницијативата на министерот на здравство Фатмир Меџити за ревидирање на Позитивната листа на лекови, која доаѓа после цели 13 години, како и Одлуката за формирање комисија која ќе предлага ажурирање на истата“, вели таа.
Според досегашните искуства медикаментозниот абортус претставува ефикасна, безбедна и прифатлива опција за прекин на бременост.
Од осамостојувањето на државата, до денес, ниту едно средство за превенција и прекин на бременост не се нашло на позитивната листа на лекови.
Во периодот на спроведување на проектот во рамките на ГАК Скопје, евидентно е дека скоро 70% од пациентките кои се обратиле во ГАК за абортус, по запознавање со придобивките и можните компликации, го избрале медикаментозниот метод, наспроти хируршкиот, а кај над 90% од изведените, тој бил успешно завршен.
Форумот на жените при ЛДП смета дека оваа здравствена услуга треба да им биде достапна на жените како алтернативна метода за прекин на бременост, и цени дека неопходна е потребата од внесување на таблетарната терапија со која се врши медикаментозниот прекин на бременост на позитивната листа на лекови на товар на ФЗО.






