„Самонаречените „шампиони” во енергетиката се дефинитивно шампиони, ама во негативна смисла на зборот. Најголемиот производител на електрична енергија веќе два дена работи само со еден блок со половина снага.
Ситуацијата е уште поалармантна ако се знае дека поради нестручност, небрежност или намерно поради неисчистени канали за довод на техничка вода, надвор од мрежа е ТЕЦ Неготино.
ТЕЦ Осломеј и покрај бомбастичните најави има јаглен за само неколку денови.
Со ваквото хаотично работење се доведува и безбедноста на сите вработени како и на енергетските објекти од витално значење. Неспособноста и некомпетентноста со поставување на партиски неискусни кадри, донесени од кафеани како свирачи, рецепционери, автомеханичари на раководни позиции во АД ЕСМ и РЕК Битола, се главна причина за ваквата катастрофална состојба на електроенергетските објекти.
Деновиве најчувана тајна е колкав е моменталниот увоз на електрична енергија и по која цена ќе се плати истата, а сето тоа поради неспособноста на оваа власт. Овој товар на македонската економија ќе биде претежок за граѓаните, бидејќи сега недостатокот на електрична енергија ќе биде од увоз, а цените на берзите се екстремно високи.
Дали ваквото дилетантско, неодговорно, клептоманско и мафијашко управување со енергетските објекти е дел од планираното сценарио на СДСМ најавено како зелена енергетска стратегија и престанок на работа на РЕК Битола?
За вакво управување на енергетиката во Македонија, СДС и ДУИ ќе мора да понесат одговорност“, соопшти Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.






