„Власта без да размислува ја ограничи маржата, а од друга страна дојдовме во ситуација во маркетите да нема овошје. Зачуден сум и од мерката за продажба на одредени производи по набавна цена. Како трговците во услови кога имаат зголемена цена на електрична енергија, зголемени кирии и други трошоци, ќе исплатат плати кои впрочем се и тие зголемени ако не направат разлика во цената, односно профит?
Мерките кои ги предложи владата не се добро осмислени, не се калибрирани. Без да се размислува им ја ограничувате маржата на 10% на трговците, посебно на овошје и слично. Малку ми изгледа и неверојатна онаа најава на министерот Бектеши, дека некои производи ќе се продаваат без маржа. Одредени производи како лебот, трговците ќе ги продаваат без маржа. И тие имаат вработени, треба од некаде да извадат разлика во цена, тие не прават профит, нивниот профит е тоа, а од друга страна трошат скапа електрична енергија, плаќаат кирии кои растат, треба да плаќаат зголемени плати на вработените. Сите мерки можеа да бидат поосмислени и поефикасни“, истакна Славески.
Тој образложи пример од периодот на светската економска криза во 2007-2008 година, кога тој беше и министер за финансии на Македонија и кога државата се соочуваше со исто така зголемување на цените на производите, особено на маслото за јадење и лебот како и на нафтата, но дека со разговор со компаниите, без да им наметнуваат задолженија, се договорија да нема поскапување затоа што така ќе изгубеа буквално сите.
„Еве да споредам, ние имавме слична ситуација во летото 2007 година, јас бев министер за финансии, имаше најави за зголемување на цената на лебот и на маслото, исто имаше светска криза, цената на нафтата во јули 2008 година, да ја посетиме јавноста, беше повисока од што е сега на светските берзи, сега се приближи до 136, ама тогаш нафтата беше 147 долари за барел и како министер за финансии, тогаш кога беа најавени кај мелниците, кај пекарите и кај производителите на масло за јадење дека ќе ги зголемуваат цените, направив список на сите поголеми производители и разговарав со нив. Тоа е легитимно, не е некој притисок, туку пријателско убедување дека тоа е привремен карактер. Ќе изгубиме сите, и вие ќе изгубите ако зголемите цени, и верувајте постигнавме ефект, многу ме послушаа. Тоа е сосема легитимно, а сега не знам како тоа ќе функционира кога ќе му кажеш, ќе ги правиш, ќе ги продаваш трошоците за производство, транспорт, продажба, ама не можеш да имаш профит“, запраша Славески.






