„Не навлегуваме детално во процесот на донесување на ваква одлуки и врз кој правен процес, администраторите во САД ја базираат нивната одлука, ниту пак имаме намера да ги браниме лицата Никола Груевски и Сашо Мијалков. Но она што загрижува е фактот дека Министерството за финансии на САД во графата на националност, ја користи Северна Македонија за лицата Сашо Мијалков и Никола Груевски.
Ваквиот став на Министерството на финансии на САД е спротивен од одредбата 3.б од Преспанскиот договор каде што се вели дека „Националноста на втората страна ќе биде Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија“.
Жалиме што САД не ги почитуваат договорите кои и самите ги поттикнувале и подржувале со што, самите се ставаат во незавидно хипокритична ситуација која, очекувано, кај граѓаните влева недоверба во политиката која ја спроведуваат на овие простори. Како и да е, го поддржуваме фактот што САД не ги почитуваат одредбите од Преспанскиот договор зошто сметаме дека иститот не само што ќе го поништиме и укинеме, туку прашање е само на време, кога тоа ќе го направиме.
Нов АСНОМ се залага за вистински ефикасно и независно судство како најдобар начин да се врати довербата кај граѓаните кон институциите, но и за перманентна борба против системската корупција што го „окова“ македонското општество. Се залагаме за правичен судски систем, за владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните како темелна вредност што треба да го краси нашето општество и секој поединец во државата, без исклучок.
Правото на самоопределување е основно човеково право втемелено во повелбата на ОН и од тоа право ние не се откажуваме се додека не си ги оствариме нашите национални цели“, се вели во денешното соопштение на Нов АСНОМ.






