Николоски вели дека наставниот кадар и воопшто, вработените во градинките и училиштата се во право затоа што нивните плати се под секое достоинство и истите треба да им се зголемат.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ има концепт за зголемување на платите на наставниот кадар кој ќе значи многу подобар квалитет на нивниот живот и дека истото решение ќе го поднесат во македонското Собрание.
Николоски за извештајот на Стејт Департментот за Република Македонија истакна дека е многу важно она што го пишуваат САД како главен партнер на Македонија во своите годишни извештаи и дека со толку многу забелешки секоја нормална власт би поднела оставка и би го проверила својот легитимитет на избори.
„САД се најзначајниот партнер на Република Македонија и затоа исклучително е значајно што пишуваат во своите годишни извештаи кои што ги објавува Стејт Департментот. Извештајот е едно отсликување на реалноста , на она што го знаеме. Зборува за високо ниво на корупција, за нетранспарентност во Владата, за политизација на институциите кои треба да бидат независни, зборува за урнисаното судство и обвинителство. Зборува генерално за лошата состојба со човековите права и за лошата состојба со владеењето на правото. Ова се голем број на забелешки после коишто секоја нормална власт би си поднела оставка и би побарала да го провери својот легитимитет на избори. За жал кај овие не гледаме таква одговорност, но во следниот период многу побрзо од што мислат ќе се случат предвремени парламентарни избори на коишто ќе се случат големи промени и влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе воспостави функционален систем на владеење на правото и ќе го врати достоинството и независноста на македонското судство и обвинителство“, потенцираше Николоски.






