Николоски како претседател на Националниот совет за евроинтеграции смета дека никогаш нема да почнеме преговори ако не се избориме со корупцијата во целиот систем.
„Убеден сум дека ако дадеме резултати тука, а први резултати можат да се дадат од 6 до 9 месеци, дека и Бугарија нема да се однесува вака како што се однесува затоа што никој во моментов не врши притисок врз Бугарија. Марија Габриел, која се очекува наскоро да биде и премиер на Бугарија, важи за помека политичарка, беше и европски комесар до скоро, кажа дека тој т.н. компромис, кој овде пежоративно се нарекува француски предлог, содржи три меѓусебно поврзани работи. Тоа е промена на Уставот, тоа е примена на Договорот за добрососедски односи и пријателство кој според мене не е ни за добрососедство ни за пријателство и третото е спроведување протоколите поврзани со историјата. Или во превод го кажа тоа што ние го зборуваме година и половина и во превод кажа дека дури и да се случат овде уставни измени, ако по однос на другите две работи нема напредок, ние сепак ќе имаме бугарско вето. Тоа што ние цело време го прашуваме дали ќе се случи и легитимно се поставува прашањето дали ако утре се случат уставни измени за 6 месеци ние нема да имаме пак бугарско вето затоа што нема да прифатиме дека Гоце Делчев бил бугарски учител. Тоа е следното кое ќе го побараат и кое ќе го стават на маса. И тука се поставува прашањето до кога Македонија е спремна да трпи шокови како општество, до кога ние сме спремни да кризираме како општество, дали ќе ги чекаме секои шест месеци за некој во Бугарија да си крева рејтинг и таму да си прави политички ќеиф“, изјави Николоски.
Според него од истражувањето на Социетас цивилис најмногу загрижува фактот дека половина од младите на 18 до 24 годни се евроскептични, но исто така и дека 90 отсто од младите рекле дека би се иселиле. Според него тоа може да ја доведе Македонија во најлошна можна ситуација, а вакво нешто веќе им се случило на Хрватска, Бугарија, Романија, Полска. Тој вели дека прашањето на отпочнување на преговорите за Македонија е политичко, исто како што Украина која е во војна и Молдавија ги почнаа преговорите, а на БиХ „ѝ се даде да дозаврши одредени работи како последица на војната од 90-тите“.
„Основната причина зошто Македонија не почнува преговори за членство со Европската Унија е високото ниво на криминал и корупција и принципот на неказнивост“, рече Николоски.
Тој исто така тврди дека неколку големи земји членки на ЕУ не се убедени дека државата заслужува почеток на преговори за членство токму поради неиспоолнувањето на овие обврски.






