На состанокот, соопштија денеска од МО, министерката Петровска ја изразила македонската силна и недвосмислена поддршка за независноста и сувереноста на Украина која, како што е наведено, е брутално нападната. Украина, порачала министерката, се бори не само за себе и својата сувереност, туку и за меѓународниот правен поредок кој мора да се базира на правила и принципи.

„Ја осудивме руската агресија врз Украина уште од самиот почеток, а нашата поддршка не е само политичка, туку може да се види и на дело. Во повеќе наврати Северна Македонија донираше хуманитарна и воена помош за Украина која има целосно право да се одбрани од неиспоровоцираната руска агресија“, рекла министерката.
Петровска истакнала дека при посетата на Украина во февруари годинава и лично се уверила во страдањата на украинскиот народ, но и во неговата цврстина и желба да ја одбранат татковината.

„При мојата посета на Украина лично се уверив во уништувањата во Ирпин и во Буча. На лицата на Украинците видов како им влијае бескрупулозноста на војната, но уште поважно е дека кај нив видов жар и мотив да се изборат за својот суверенитет“, нагласила министерката за одбрана.
Петровска потенцирала дека Македонија заедно со сојузниците е на ставот за поддршка на Украина сè додека е потребно „зашто тоа е страната на правдата и вистината“.

Заменикот – министер Перебинис се заблагодарил за, како што рекол, јасната поддршка од Македонија за Украина, како и за дадената воената и хуманитарна помош. Украина, посочил тој, ќе продолжи да се бори за својата независност и сувереност.






