среда, 10 декември 2025

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада, Палевски е партиско-полициска инсталација

Во моментов, јас можам да го кажам мојот став и очекувам наскоро и партиските органи да го донесат и партискиот став. Мојот став е дека, во едни вакви услови кога тоа е регулирано со закон, ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во таа техничка влада, треба да номинира свои претставници, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју во „360 степени“ на МРТ и додаде дека откако ќе ја освојат власта предвидуваат сериозна програма за сериозна трансформација на Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

„Јас сум убеден дека идната влада ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и јас како мандатар ќе ги спроведеме историски најреформските години за Македонија.

Во однос на техничката влада Мицкоски смета дека неговата партија треба да се воздржи од гласањето за составот на таа влада, „затоа што цениме дека изборот на првиот човек кој што ќе ја води таа влада е спротивен на законот на кој што таа техничка влада се повикува“.
Мицкоски дополнува дека за него и за многу правни и уставни експерти кои што ги консултирал, техничката влада е имплант спротивен на Уставот.
„Во услови кога понудивме да нема техничка влада, во услови кога понудивме да одиме на овие избори со политички избрана влада, па дури и доколку тие имаат некаков си политички договор, повторно можеше они да си го испочитуваат тој договор, а да нема техничка влада. И тоа не значи дека условите се повеќе демократски, туку едноставно цениме дека еден имплант на нашето законодавство, кое што де факто, а и ако ги прашате уставните експерти ќе ви кажат и де јуре, е спротивен на Уставот, треба да го избришеме. И ако бараме подобар начин да имаме подобар и поточен изборен процес, тогаш можеме да најдеме и да бидеме покреативни, а да биде во согласност со Уставот и тие тоа го одбија. Не знам зошто, но го одбија. Тоа се, претпоставувам, нивни политички калкулации“, вели Мицкоски.
Тој посочи дека во техничката влада кадрите на ВМРО-ДПМНЕ ќе се борат и ќе спречат изборен поткуп каков што имаше на последните локални избори кога имаше очигледен изборен поткуп од страна на структури од владејачките партии.

Во однос на Љупчо Палевски-Палчо Мицкоски рече дека тој е партиско-полициска инсталација на власта.

„Ако ги следите неговите ставови поврзани со одредени теми и доколку се вратите наназад во неговото минато како претседател на градската организација на СДСМ, можам да дојдам до заклучок дека тој претставува партиско полициска инсталација. Тој не верува во тоа што го кажува и ги злоупотребува темите за да нанесе политичка штета на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицкоски и додаде дека Љупчо Палевски Палчо е партиско полициска инсталација која нанесува само штета на ВМРО-ДПМНЕ злоупотребувајќи одредени теми.

Мицкоски рече дека пред 4-5 години имал средба со Палевски.

„На таа средба тој побара да му помогнеме во собирање на потписи за да регистрира политичка партија. Тоа го одбив. Но три – четири години потоа сведоци сме сите дека тој успеа да регистрира политичка партија под името Десна. И сега прашањето е кој му помогна“, праша Мицкоски.

Мицкоски додаде дека јавноста и луѓето кои што се во политиката точно знаат кој му помогна на Љупчо Палевски во собирање на потписи за регистрирање на партија.

„Погледнете ги потписите на лицата кои што се потпишани и ќе го добиете одговорот“, укажа Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ