понеделник, 14 јули 2025

МДС: Арогантно и со фаворизирање на својот кабинет министерот Османи го обесмисли Денот на МНР

Објавено на

часот

Сподели

Во рекцијата на овој дипломатскиот синдикат понатаму се вели:

Повеќе пати укажуваме дека дипломатијата е потценета и дека начинот на кој таа е водена последните неколку години води директно кон нејзино обезвреднување и уништување на долги патеки. Низ што се не поминавме: деградирање, изолирање, неосновани дисциплински постапки, како и бркање од работа на колеги кои потоа преку судски постапки мораа да ја бараат и добијат правдата. Од самото раководство се направени поделби меѓу вработените на „наши“ и „ваши“ што ќе биде тешко да се надминат во следните десетина години. Како врвен критериум за напредување во кариерата се зацементира партиската припадност и личната наклоност кон раководството.

Пред два дена го одбележавме Денот на МНР во една неубава атмосфера, на уште понагласена поделба па и непристоен обид за бришење од историјата на наши довчерашни колеги и промоција на Кабинетот на министерот Бујар Османи.

Според досегашната пракса, на Денот на МНР се избираа најдобриот дипломат, како и најдобриот млад дипломат во претходната година, што претставуваше признание за вложениот труд и способности, како и поттик за понатамошна работа. Исто така, на нашиот Ден јавно им изразувавме благодарност на сите наши колеги што изминатата година заминале во пензија за сето тоа што во својот работен век го дале за нашата куќа.

Оваа година бевме сведоци на промени кои фрлија сенка и го обесмислија нашиот Ден и уште повеќе ја истакнаа ароганцијата и самоволието на министерот и неговото раководство. За прв пат беа прогласени не еден, туку двајца дипломати на годината и тројца млади дипломати на годината и тоа од составот на Кабинетот на Османи, што никогаш не било пракса. Тоа целосно го разводнува концептот на признание за заслугите, а и не е во ред, бидејќи со форсирањето на Кабинетот ги става во неповолна ситуација сите останати дипломати.

Она што е многу посрамно е што раководството свесно не ги покани на одбележувањето нашите драги колеги кои само до пред неколку месеци работеа со нас, а денес се заминати во пензија.

Со ова Османи јасно испрати порака до јавноста дека МНР е приватизирано и дека тој го доживува како лична сопственост. Во таквото негово МНР нема место за тие што го вложиле целиот свој работен век во куќата на дипломатијата, доколку не се негови партиски или лични миленичиња, ниту пак за надежните дипломати кои не „заслужиле“ да станат дел од неговото најблиско опкружување.

Бараме да престане грубото приватизирање на дипломатската служба на сите нивоа и да се вратат критериумите на мерит системот. Нашата куќа не е приватна сопственост, а најмалку на министрите кои доаѓаат и по неколку години си заминуваат. Службата е зимзелена, а министрите листопадни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ