„Мислам дека главната работа Апасиев целно не ја кажува затоа што доколку ја каже тогаш јавноста и неговите поддржувачи треба да се соочат со фактот и вистината дека тој во суштина има преговарано со Талат Џафери, а за што пак, ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ? Зошто ова го тврдам, затоа што деловникот се разгледуваше по редовна постапка“, рече Стојаноска во гостување на радиото Лидер.
Таа рече дека пред пленарната седница за Деловникот се расправало на две комисиски седници како и дека на текстот е работено пет години во рамки на процесот „Жан Моне“.
„Едно време овој процес ние го бојкотиравме, затоа што бевме бојкотирани од сите процеси. Јас не реков дека тоа е идеален деловник, но би кажала дека е оптимален и подобар од овој по кој работиме“, кажа Стојаноска и нагласи дека Апасиев најавил пред девет месеци поднесување на суштински асмандмани, а не 1.900 амандмани, што, како што ицени, покажува дека Апасиев не си стои на кажаното и прави филибастеринг.
Во утринското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека е „толку провидно ова сценарио на власта и Левица, што ни Горан Мисовски, ни Талат Џафери, не го повикаа собраниското обезбедување, кога 10 минути некој го крши Собранието“.
Се работи за нестабилни личности од Левица, истакнува ВМРО-ДПМНЕ и додава: „Среќа што државата нема нуклеарно оружје, не се сомневаме дека Апасиев би го употребил, онака лефтерно и истовремено афектно, насочувајќи го врз Собранието, кај што сам се наоѓа, чисто да ни покаже, колку тој знае да е опасен, ако во бифето му дадат горко наместо благо кафе“.
Од партијата велат дека станува збор за постапки предизвикани од падот на рејтингот на Левица на што, велат од ВМРО-ДПМНЕ, укажуваат последните анкети.






