„Претседател на Граѓанскиот суд Скопје во два мандати беше судијата Илир Сулејмани. До Левица постојано пристигнуваат жалби од граѓани дека судските постапки траат предолго и рочиштата се одложуваат без причина. Особено како неажурен суд го посочуваат Основниот граѓански суд Скопје, каде судските постапки траат со години. Ова го потврди и Судскиот совет, кој ги усвои пред една недела извештаите за работата на судовите за второто тримесечие за 2023 година, каде утврди дека Основниот граѓански суд Скопје е еден од неажурните судови.
Граѓаните се изложени на големи трошоци за да поведат постапка, која понатаму стои заглавена во судски лавиринти поради недостиг и неажурност на судиите. Судиите се често отсутни поради што се одложуваат постапките, а кога се во судница, поради наводно преголемиот обем на работа, не се заинтересирани да го завршат предметот експедитивно. Одговорност за ваквиот хаос, покрај претседателот во заминување – Илир Сулејмани, има и министерот Кренар Лога, кој наместо да промовира сериозни реформи во правосудството, тој со своите етно-трибалистички испади неуставно се обидуваше да воведе националност во изводите.
Левица во својата програма предвидува низа мерки со кои правосудството ќе се ослободи од канџите на партизацијата и непрофесионалноста како: укинување на трајниот мандат на судиите и воведување ограничен мандат од девет години; воведување построги услови за избор на судии и поголем стаж за нивен постепен и скалест напредок; како и дефинирање на флоскулата ‘истакнат правник’, со цел спречување на нејзина идна злоупотреба при изборот на членови на правосудните тела“, се вели во соопштението на Левица.






