недела, 25 јануари 2026

Левица: Гласот против резолуцијата во ОН е во време кога во земјава има тренд на величење на фашисти и балисти

Левица реагира на гласот на Македонија во ОН против резолуцијата за борба против фашизмот и неонацизмот и наведува дека тоа се случува во време кога во земјава на сцената атакуваат бугарскиот фашизам и балистите. Партијата наведува дека слична резолуција поднесена во Собранието од страна на Левица „везирот“ Талат Џафери уште ја држи во фиока.

Објавено на

часот

Сподели

Во Генералното собрание во ООН, со 112 гласови „ЗА“, беше усвоена нацрт-резолуцијата за „Борба против глорификација на нацизмот, неонацизмот и другите практики кои придонесуваат за поттикнување на современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и нетолеранција“. Претставникот на Македонија во ООН – Љубомир Фрчкоски гласаше против оваа резолуција. Ова преку соопштение го нагласува Левица.

„Овој глас, како официјален став на Владата е силно загрижувачки, особено ако се земе во предвид моменталната ситуација внатре во државата, каде изминатите години сведочиме на отворање бугарските културни клубови, именувани по истакнати фашисти, каде се рехабилитираа опасни великодржавни идеи, актуелни од пред Втората светска војна. Следствено на ова, годинава следиме тренд на величење на балистите, поставување нивни споменици, именување на улици по нив, додека истовремено се спроведува умислена државна негрижа проследена со системско занемарување и уништување на споменици на партизаните од Народно-ослободителната борба.

Нагласуваме дека на ова срамно гласење од Фрчкоски му претходеше и гласањето воздржан за Резолуцијата во која се повикуваше на заштита на цивилите и почитување на правните и хуманитарни обврски во однос на израелско-палестинскиот конфликт, каде безброј невини жртви, цивили, жени и деца се жртви на агресијата од вооружените сили на Израел.

Минатата година, пратениците на Левица во Собранието поднесоа резолуција против рехабилитацијата и глорификацијата на фашизмот, нацизмот и нивните современи облици, која ‘везирот’  Талат Џафери од ДУИ, ја чува заклучена во фиока, исто како и предлог-декларацијата за солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација, која минатата седница, одби да ја стави на дневен ред!

И покрај ваквиот вазалски пристап во надворешната политика на Владата, која е целосно подредена на империјалистичките интереси на западната хегемонија, Левица ќе продолжи со борбата во која ги изразува ставовите на граѓаните по однос на надворешно-политичките прашања, кои очигледно се тотално различни од она што го претставува Владата предводена од октроираниот премиер“, се наведува во реакцијата на Левица.

                                                                  Фото илустрација – Левица

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ