Според Левица, ова не се фер пазарни цени, туку навреда за лозарите кои со години го носат товарот на македонското лозарство. Партијата предупредува дека ваквата пракса води кон систематско уништување на гранката, од која живеат илјадници семејства – особено во Тиквешијата.
„Каде е производната цена? Кој ја утврди методологијата? Зошто Министерството го крши Законот за вино?“, прашуваат од Левица, повикувајќи се на законската обврска на Министерството јавно да ги објави производната цена, методологијата и институцијата што стои зад пресметките.
Од Левица обвинуваат дека државата станува соучесник во монополското однесување на дел од винарниците, кои, како што велат, остваруваат енормни профити на грбот на лозарите кои се туркани на работ на егзистенција.
Дополнително, партијата предупредува и на алармантниот пад на производството на грозје, повикувајќи се на податоци од Државниот завод за статистика. Во 2021 година биле регистрирани 89.817 лозови пенушки, а во 2024 година бројот опаднал на 79.314 – тренд кој, според Левица, е резултат на нефункционални и дестимулативни политики.
„За државата можеби грозјето не е стратешки производ во статистиките, но за луѓето што живеат од него – тоа е прашање на опстанок“, порачуваат од Левица.
Партијата критикува и за административните бариери што ја попречуваат слободата на извоз, иако, според ЦЕФТА договорот, лозарите треба да имаат слободен пристап до регионалните пазари, каде цената на винското грозје достигнува и до 2 евра за килограм.






