Во своето обраќање, како што соопштија од МНР, Османи се осврнал на концептот „Повеќе интеграција пред членство во ЕУ”, како еден од модалитетите како ефективно да се фати чекор со економиите на земјите членки на ЕУ и да се премости јазот што моментално се зголемува наместо да се стеснува.
„Воедно, шефот на македонската дипломатија го поздрави уште еднаш Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, претставен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, кој се дополнува со овој концепт“; се вели понатаму во информацијата.

Што се однесува до дебатата за потребата од внатрешни реформи со цел земјите да бидат подготвени за прием како нови членки во догледна иднина, Османи рекол дека истите треба да се третираат како комплементарни со проширувањето, а не како едната да ја исклучува другата или да биде предуслов.
„По 20 години од Солунската агенда, потребно е да се смени сегашниот бинарен пристап на сѐ или ништо, каде една земја се додека не е членка на Унијата не е вклучена во политиките или институциите на ЕУ или нема пристап до фондовите на ЕУ. Наместо тоа, секој кандидат, преку успешно спроведување на реформите и усогласувањето на своите политики со оние на ЕУ, треба да напредува со сопствено темпо преку постепена интеграција“, истакнал Османи.
Министерската конференција, чија цел е размена на мислења во однос на подготовеноста на Унијата за проширување и на идните земји членки за членство во ЕУ, се одржа непосредно пред Европската комисија да го објави својот пакет за проширување заедно со извештаите за земјите, кои ќе дадат препораки за конкретни чекори за кои ќе одлучува Европскиот совет во декември.






