ДЗР успешно ја реализираше годишната програма за работа на ДЗР за 2022 година и главниот државен ревизор Максим Ацевски до претседателот на Собранието Талат Џафери го достави годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на ДЗР за 2022 година, се наведува во извештајот.
Понатаму во информацијата за јавноста се вели:
Со годишната програма за работа на ДЗР за 2022 година беа извршени вкупно 188 ревизии, издадени 223 ревизорски извештаи со утврдени 1.242 состојби и дадени 775 препораки, во кои се презентирани фактички информации за работењето на ревидираните субјекти. Посебен акцент беше ставен на ревизиите на успешност кои, од година во година добиваат сe поголемо значење.
Од вкупно извршените 188 ревизии, 170 се ревизии на регуларност, 12 ревизии на успешност (4 ревизии на животна средина и 2 ИТ р евизии) и 6 ревизии на усогласеност.
Државниот завод за ревизија и во текот на изминатата година се фокусираше на актуелни прашања од интерес за јавноста и останатите засегнати страни и го насочи вниманието кон целите за одржлив развој и додадената вредност на истите. При изборот и дефинирањето на опфатот на ревизиите, како и досега, ДЗР се водеше од стратешките цели, но и начелата за транспарентно и наменско трошење на средствата и подобрување на квалитетот на услугите достојни за граѓаните.
Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, во воведното обраќање во Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на Државниот завод за ревизија за 2022 година потенцира:
„Со Годишната програма за 2022 година ја заокруживме и реализацијата на Стратегијата за развој на Државниот завод за ревизија 2018-2022, која ни беше водилка во остварувањето на нашите стратешки цели насочени кон максимизирање на нашиот придонес во јакнењето на финансиската контрола и одговорност на јавниот сектор на Република Северна Македонија.
Во однос на показателите од нашето работење, со ревизиите во 2022 година го зголемивме опфатот на ревидирани расходи во однос на вкупните буџетски средства. Во исто време ја зголемивме додадената вредност од извршените ревизии, пред сe во висината на утврдени помалку пресметани, помалку вратени или помалку уплатени средства во Буџетот на Република Северна Македонија и во буџетите на општините, што укажува на фактот дека придонесот на ДЗР кон зајакнување на институциите и менаџерската одговорност е сe позначаен во нашето општество
Континуирано укажуваме и на системските слабости, односно слабости и недоречености во регулативата во одредени области и укажуваме на потребата за нивно надминување, даваме придонес во зајакнувањето на правниот систем и создавање на поволен амбиент за понатамошен развој на правните субјекти“.
Тој упати порака: „Да научиме да управуваме со ризиците за да ги спречиме последиците“.






