„Еден од главните приоритети е нула толеранција кон шверцот и организираниот криминал. Видливите резултати во овој дел значат просперитет и значат побрз влез во ЕУ, а резултати веќе има – заплените во 2023 се зголемени за точно 29 проценти, а поднесените кривични пријави за 60 проценти“, вели директорот на Царинска управа, Стефан Богоев.
Со акцијата во декември во која беа запленети 126 литри прекурзори за производство на дроги беше разбиена посериозна мрежа која имала лабораторија на територија на државата, велат од Царина и додаваат дека против лицето беше поднесена кривична пријава до надлежното Основното јавно обвинителство за сторено кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, казниво по член 215 од Кривичниот законик. Со одлука на суд против истиот беше одредена мерка притвор.

„Кривични пријави беа поднесени и против сторители за шверц на 50 тони дизел гориво декларирано како базно масло, а кое било транспортирано во две товарни моторни возила – цистерни.
За различни кривични дела во 2023 година беше поднесена вкупно 51 кривична пријава, што е за 60 проценти повеќе од 2022 година.
За кривично дело криумчарење, се поднесени 15 кривични пријави за 16 физички лица, за неовластено производство и пуштање во промет на наркотици 5 кривични пријави, против 7 физички лица, додека за даночно затајување 3 кривични пријави, против 3 правни и 3 физички лица“, се вели во соопштението.






