Јавниот повик е отворен за сите асоцијации, здруженија или иницијативи со фокус на лица со попреченост. Од апликантите се очекува да учествуваат со конкретни проекти кои опфаќаат повеќе лица, овозможуваат континуирана работа со нив преку нови едукативни, инклузивни или физиотерапевтски методи или, пак, придонесуваат за поголема слобода при движење и извршување на секојдневните активности.
Проектите треба да содржат информации за целната група, времетраењето, целите и очекуваните резултати, потребниот буџет, како и податоци за носителот на проектот (апликант, асоцијација или здружение). Барањата, заедно со контакт-податоците, се испраќаат на адресата [email protected], со назнака „Предлог проект за грант: Сонуваме, менуваме 2025“, најдоцна до 30 ноември 2025 година.
Посебно формирана комисија во Стопанска банка ќе биде задолжена за евалуација на пристигнатите барања, а избраните проекти кои ќе добијат финансиска поддршка ќе бидат објавени на 3 декември 2025 година.
Особено е значајно што годинава музичко-театарските претстави, кои традиционално се дел од кампањата „Сонуваме, менуваме“, покрај во Скопје, ќе се прикажуваат и во Битола и Велес – на 5 и 16 декември – ширејќи ја низ земјата пораката за важноста на инклузијата.
Како и во претходните години, актерската екипа во претставите ќе вклучува и деца со попреченост, а инклузијата ќе биде главната инспирација.
Комерцијален текст






