На почетокот на сесијата, како што соопшти собраниската прес-служба, пратениците ја избраа австриската пратеничка Петра Баер за нова претседателка на Парламентарното собрание со мандат од една година и со можност за реизбор за уште една година.
Во рамките на пленарните активности утре на дневен ред е нацрт-резолуцијата подготвена од мониторинг комисијата, која се однесува на постмониторинг-дијалогот со Република Македонија.
Темите за кои ќе се дебатира во текот на работната недела опфаќаат поддршка кон заложбите за сеопфатен, праведен и траен мир за Украина и безбедност на европскиот континент, потребата од забрана за практики на конверзија, за избори во време на криза, а како итни теми на почетокот на сесијата беа изгласани политичката криза на поширокиот регион на Блискиот Исток и потребата од заштита на човековите права и правата на сите малцински групи, како и одбележување на 65-годишнината од Европската социјална повелба. Делот за актуелни теми вклучува заштита на системот на меѓународна правда и обезбедување одговорност, хуманитарна заштита и почитување на меѓународното право во Газа и на Западниот Брег по прекинот на огнот.

На сесијата, како што се посочува во соопштението, во име на ротирачкото претседателство со Комитетот на министрите, обраќање имаше претседателката на Молдавија, Маја Санду, а пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска по обраќањето нагласи дека Молдавија под лидерство на Санду стана пример за отпорност во борбата против странски влијанија и мешање, со надеж дека Молдавија, како претседавач со Kомитетот на министри, ќе успее ова прашање да го канализира и регулира.
„Пратеничката Иванка Василевска учествуваше на состанокот на Women@PACE, неформална група на жени-членки на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која служи како платформа за соработка, размена на искуства и меѓусебна поддршка меѓу жени парламентарки од разни земји и политички групи. На состанокот на групата, која има цел да ги засили улогата и видливоста на женската перспектива во активностите на Парламентарното собрание, учесничките имаа можност да разменат мислења со претседателката на Молдавија, Маја Санду“, се наведува во соопштението.
Во име на групата на социјалистите, демократите и зелените, пратеничката Костадиновска-Стојчевска се обрати на темата за избори во време на кризи. Таа истакна дека слободните избори се темел на демократијата, но се сè поранливи на дезинформации и технолошка манипулација. Додаде дека примерот на Молдавија покажува дека отпорноста е можна со силно лидерство и соработка. На крајот, заклучи дека зајакнувањето на општествената отпорност бара нови правила, практики и соработка меѓу државата, граѓанското општество и институциите, со цел да се заштити демократијата и да се обнови довербата на граѓаните.
Костадиновска-Стојчевска учествуваше и во дебатата за поддршка кон заложбите за сеопфатен, праведен и траен мир за Украина и безбедност на европскиот континент. Таа нагласи дека во 2025 година Украина ја доживеа најсмртоносната година за цивили од 2022 година и истакна дека Русија намерно ја таргетира енергетската инфраструктура, а како последица илјадници домови останаа без струја и греење. Таа истакна и дека децата под окупација се изложени на сериозни прекршувања на човековите права, како и дека стравот од продолжување на војната и загубите остануваат.






