четврток, 1 јануари 2026

Со новата година нова цена на струјата, евтината дневна тарифа останува

Граѓаните од денеска ќе плаќаат за 2,28 отсто повисока цена на електричната енергија, а засега и евтината дневна тарифа ќе продолжи во истиот период, односно од 13 до 15 часот. Од 1 јануари 2026 година цената на струјата ќе биде повисока за 2,45 отсто во првиот блок, за 2,87 отсто во вториот блок, за 3,32 отсто во третиот и за 3,84 проценти во четвртиот блок, додека евтината тарифа ќе се покачи за 2,5 отсто.

Објавено на

часот

Сподели

Ова е овозможено откако Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) изврши корекција на доставената предлог одлука за финалната цена од страна на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.

Промената на цената доаѓа откако ЕСМ одлучи да му ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач по 65 евра за мегават час наместо досегашните 62 евра по мегават час или за околу пет отсто повеќе. Претходно РКЕ на 5 декември 2025 година за 3,64 отсто го намали надоместокот за дистрибуција на електрична енергија, односно за користење на електродистрибутивниот систем на Електродистрибуција од 1 јануари 2026 година. За истиот период за 2,67 отсто е намален надоместокот за пренос на електрична енергија, односно за користење на преносниот систем од МЕПСО, а за 3,4 отсто е намалена цената на операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО.

„Со тоа влијанието на крајната цена на електричната енергија што ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар во просек е од 1 до 1,2 проценти. Влијанието, пак, на крајната цена за пренос на електрична енерија е 4 проценти, за дистрибуција на електрична енергија е 33 проценти, а влијанието на операторот за пазар на електрична енергија е 0,19 проценти. Со тоа вкупно во делот каде што има влијание РКЕ на цената на електричната енергија има намалување од 36 проценти врз крајната цена“, рече тогаш претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

РКЕ на 23 декември минатата година изврши и корекција на доставената предлог одлука за финалната цена од страна на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, а Бислимоски оцени дека обезбедената цена од ЕСМ од 65 евра за мегават час е два пати пониска од берзанските цени. Тоа, како што нагласи, овозможи и во 2026 година да имаме ценовна политика која обезбедува минимално зголемување на трошоците кај домаќинствата.

Со корекцијата што ја направи Регулаторот, од 1 јануари 2026 година наместо предложеното зголемување од 7,66 отсто што ЕВН Хоум го достави во одлуката, РКЕ по спроведени анализи и повторни пресметки, одлучи во прв блок да има корекција од 2,45 отсто. Во втор блок цената ќе се зголеми за 2,87 отсто, додека предлог зголемувањето на ЕВН Хоум е 8,54 отсто. Во трет блок цената ќе се зголеми за 3,32 отсто иако беше предложено да има зголемување од 9,63 отсто и во четврт блок зголемувањето е 3,84 отсто, наместо предложените 11,86 отсто. Во однос на евтината тарифа, ЕВН Хоум предложи зголемување за 3,96 отсто, додека РКЕ одлучи истата да се коригира за 2,5 отсто.

„РКЕ оцени дека ЕВН Хоум го има применето тарифниот систем, но во предлог – одлуките за нови цени и распоредот на трошоците по блокови не е применет клучниот регулаторен принцип, а тоа е урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и корисниците, односно потрошувачите. Регулаторот има за цел да дефинира крајни цени што ќе гарантираат услови за непречено снабдување со електрична енергија, при што внимаваме да се заштитат потрошувачите од ценовен шок. Податоците покажуваат дека вкупно 64 отсто од потрошувачите имаат потрошувачка во првиот блок, на скоро 21 отсто им се тарифира и во втор блок, третиот блок го користат 1,73 отсто, а четвртиот само 0,55 отсто од потрошувачите“, изјави неодамна Бислимоски.

Тој посочи дека поскапувањето за 85 отсто од домаќинствата ќе биде 2,28 отсто или 57-70 денари на месечната сметка, при тоа за 63,86 отсто од домаќинствата или 517.400 кои имаат потрошувачка само во прв блок и во евтина тарифа зголемувањето на месечната сметка е 2,28 проценти, односно 57 денари. За 20,97 проценти или 169.900 домаќинства кои имаат потрошувачка во прв и втор блок зголемувањето на месечната сметка е 2,59 отсто или 70 денари. За 1,73 отсто или 14.000 домаќинства кои имаат потрошувачка во прв, втор и трет блок зголемувањето на месечната сметка е 2,79 отсто или 370 денари и за 0,55 отсто или 4.400 домаќинства кои влегуваат во прв, втор, трет и четврти блок зголемувањето на месечната сметка е 3,22 отсто или околу 900 денари.

Напомена дека и покрај претходното намалување на мрежарината за 4,96 отсто, надоместокот од 200 денари останува дел од сметките и нема да биде укинат.

„Ако се укине надоместокот од 200 денари, цената за мрежарина која сега е 2,03 денари, ќе биде 2,6 денари, односно ќе се зголеми за 28 проценти. Како резултат на тоа, ако се укине надоместокот од 200 денари, првиот блок ќе се зголеми за дополнителни 8,46 отсто, вториот блок за 7,19 проценти, третиот за 5,77 отсто, четвртиот за 2,69 и евтината тарифа за 13,51 процент. Со оглед на овие податоци, РКЕ црвсто останува на ставот дека надоместокот од 200 денари нема поптреба да биде укинат“, појасни Бислимоски.

Прашан дали од 1 јанари 2026 година ќе има зголемување на периодот на евтина тарифа на струја во текот на денот, рече дека може, но ќе треба од 22 часот да се помести на полноќ почетокот на евтината тарифа во текот на ноќта.

„Нашите анализи се завршени и се покажува дека може да се воведе евтина тарифа во текот на денот кога се и најниски цените на електричната енергија на пазарот, но по 22 часот има екстремно високи цени. Затоа доколку нешто се воведе во текот на денот евтината тарифа во текот на ноќта не би започнувала во 22 часот, туку на полноќ. Станува збор за навики кај домаќинствата што се стекнати со години поради што во нарендиот период ќе видиме што ќе преземеме по ова прашање“, рече Бислимоски и додаде дека само кај нас и во делот на Федерацијата на Босна и Херцеговина без Република Српска има евтина дневна тарифа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ