Внатрепартиските избори се спроведуваат во општинските организации на СДСМ ширум Македонија на 78 избирачки места, кои се отворени од утрово од 8 часот и ќе се гласа сѐ до 20 часот. Надлежна за спроведување на гласањето е Централната изборна комисија.
Од СДСМ информираат дека Централната изборна комисија го потврдила и го затворила Избирачкиот список, на кој активно регистрирани се 23.712 членови, обезбеден е избирачки материјал, паравани за тајност на гласањето, избирачки кутии, ознаки и сѐ што е потребно за изборниот ден.
„Сите активно регистрирани членови на СДСМ ќе можат да го остварат своето право на непосредно и тајно гласање за избор на претседател во својата општина на соодветно гласачко место. Членовите што гласаат, со себе задолжително треба да ја има електронската членска картичка на СДСМ и важечки личен документ за идентификација (лична карта или пасош)“, информираа од СДСМ.
Болните и немоќните членови на партијата гласаа вчера и нивните гласови ќе бидат додадени и ќе се бројат денеска по завршувањето на гласањето.
СДСМ информираа дека информацијата за резултатот ќе го соопштат денеска по завршување на процесот на гласањето.
Сите детални информации, одлуки, правилници, роковници и останати документи поврзани со внатрепартиските избори за претседател на СДСМ се достапни на веб страната на партијата.
Внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, претходно беа закажани за 16 март, но беа одложени поради трагедијата во Кочани.
Филипче за лидер беше избран во јуни минатата година на вонредните избори кои СДСМ ги организираше по оставката на Димитар Ковачевски поради историски најлошиот резултат на парламентарните и претседателските избори. Ако биде избран, Филипче ќе има мандат од четири години.