Тоа е сторено врз основа на одлуката за распределба на финансиски средства од буџетот на Република Македонија за 2025 година, наменети за поддршка на програмските активности на здруженија и фондации, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 254/24. Овие средства се предвидени во буџетскиот раздел 04010 – Министерство за односи меѓу заедниците, потпрограма 11 – промоција на меѓуетнички односи, ставка 463 – трансфери до невладини организации.
Средствата се доделуваат исклучиво врз основа на склучени договори за финансирање одобрени проекти, и се наменети за реализација на конкретни програмски активности, согласно поднесената документација. Министерството за односи меѓу заедниците е институцијата надлежна за спроведување на оваа одлука, која стапува на сила наредниот ден од објавувањето во „Службен весник“.
„Процесот на распределба на средствата е спроведен од страна на комисија формирана од Министерството за односи меѓу заедниците, а составена од претставници на следниве институции: Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за финансии, Министерството за правда, Министерството за европски прашања, Агенцијата за остварување на правата на заедниците, како и Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество.
По спроведената евалуација, од вкупно 105 пристигнати апликации, 89 беа уредно доставени, 12 беа со непотполна документација, а 4 беа поднесени по истекот на утврдениот рок. Конечната ранг-листа опфати 33 највисоко оценети проекти, чиешто финансирање беше одобрено“, велат од МОЗ.
Одобрениот корпус на проекти ја одразува етничката разновидност на подносителите – вклучувајќи организации кои ги претставуваат албанската, ромската, бошњачката, српската, турската и влашката заедница. Проектите, покрај тоа, се насочени кон поддршка на имплементацијата на Рамковниот договор, промоција на европските интеграции и борба против корупцијата.
„Овој инклузивен пристап претставува јасна потврда за транспарентноста и објективноста на процесот на селекција, во согласност со стратешките приоритети на Владата за унапредување на меѓуетничките односи и зајакнување на соработката со граѓанскиот сектор во Република Македонија“, се вели во соопштението на Министерството за односи меѓу заедниците.