сабота, 24 мај 2025

Снопче: Владата ќе биде нестабилна без Алијанса – Стојановски: И без Вреди извршната власт ќе функционира нормално

Халил Снопче, пратеник  од крилото на Алијансата на Албанците, предводено од Арбен Таравари, денеска рече дека претставници на партијата не биле поканети на вчерашниот состанок на владејачката коалиција Вреди. Снопче пред медиумите истакна дека не знае какви одлуки се донесени на состанокот.

Објавено на

часот

Сподели

„Немам официјална информација од службите на Собранието, дали тие девет пратеници побарале посебна пратеничка група. Доколку тоа е вистина, тоа имплицира дека Алијансата на Албанците останува со пет пратеници“, рече Снопче.

Дополни дека сè уште тој е координатор на пратеничката група на Вреди од 14 пратеници, бидејќи сè уште не е формирана нова пратеничка група.

„Доколку со девет потписи се обратат до Собранието дека имаат формирано нова пратеничка група, тогаш по автоматизам ние ќе дејствуваме со наша пратеничка група од петмина пратеници“, рече тој.

Снопче посочи дека како партија се отворени за сите опции, дека Алијансата на Албанците може да биде и опозиција, но, нагласи, „доколку тие се надвор од Владата, тоа ќе значи потреба од нови парламентарни избори“.

„Таа влада ќе биде нестабилна со само девет албански претставници“, рече тој.

Коалицијата Вреди вчера најави мораториум на сите јавни политички активности на партиите што ја сочинуваат и соопшти дека отсега ќе делува како еден политички субјект.

Владата ќе работи нормално и ќе има речиси двотретинска поддршка во Собранието, коментираше пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО ДПМНЕ, на новинарско прашање за изјавата на Халил Снопче од АА на Таравари.

„Ние неколкупати сме кажале дека мнозинството неофицијално брои две-третини, односно повеќе од 80 пратеници. Јас ве уверувам дека и покрај таа ситуација, доколку стане актуелна, Владата ќе функционира сосема нормално и подобро од претходно. Ние сме подготвени во секој момент на предвремени избори, но нема да се случат заедно со локалните“, одговори Стојановски на новинарско прашање.

Тој рече дека нема да го поддржи предлогот на СДСМ да се поднесе предлог-закон за поддршка на семејствата погодени од трагедијата во Кочани.

„Она што е индикативно, е зошто Венко Филипче сега овој момент предлага таков закон за помош на овие луѓе, а не предлагаат таков закон за оние лица коишто го загубија животот во пожарот на модуларната болница, оние лица коишто ги загубија своите животи во трагедиите во Ласкарци и Бугарија. Така што одговорот на ова прашање е јасен – семејствата на починатите и на повредените целосно ќе имаат поддршка од Владата“, рече Стојаноски.

Според него, Владата којашто е предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги дуплира или трикратно ќе ги зголеми средствата на коишто се одвојуваат за сите општини во Македонија, со цел да помогне на општината Кочани.

Паралелно со тоа се водат преговори со повеќе инвеститори уште имаат донесено одлука да инвестираат во Република Македонија своите капацитети да ги изградат во индустриската зона во Кочани. Сакам да потсетам дека Владата ги покрива трошоците на оние коишто се лекуваат во странство, но ќе продолжи да ги помага и тие коишто се повредени, но и семејствата на починатите“, рече Стојаноски на прес-конферецијата по денешната седница на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ