Како што информираат денеска од Стопанската комора на Македонија, како традиционален производ кој е дел од велигденските обичаи, јајцата се достапни во доволни количини во трговските мрежи, пазари и фармерски продавници.
Во просториите на комората вчера се одржала работна средба помеѓу компаниите од овој сектор, членки на комората и претставници на ресорното министерство предводени од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Најголемите производители и извозници на јајца најавија активна соработка со дистрибутерите и трговците со цел да се задоволи зголемената побарувачка во овој период од годината, а притоа цените да останат на конкурентно ниво, во согласност со пазарните трендови. Ресорното министерство и надлежните институции ги следат состојбите и се подготвени да преземат мерки доколку се јави потреба од дополнителна стабилизација“, велат од Комората.
Оттаму ги потсетуваат потрошувачите да внимаваат при купувањето – да ја проверуваат трајноста и потеклото на јајцата, како и да ги поддржат локалните производители.