понеделник, 8 декември 2025

Случајот со Росица не е трагедија, туку фемицид, велат од Левица и бараат измени во КЗ

Деновиве сведочиме за грозоморен акт при кој уште една жена го загуби животот заедно со својот татко, избодени до смрт од нејзиниот поранешен партнер, кој потоа си го одзеде животот. Ова не е трагедија што доаѓа ненадејно, туку фемицид кој системот имаше можност да го спречи, но повторно не го стори тоа, реагираат од Левица по убиството и самоубиството во Велес.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„Левица веќе алармираше дека е неопходна измена на Кривичниот законик со која телесната повреда при семејното насилство и насилството врз жени ќе се гони по службена должност, а не исклучиво по предлог на жртвата. Пратениците од Левица поднесоа законски измени во таа насока, но владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и Знам, овој предлог го одби само поради ароганција. Дополнително, неопходно е итно отворање на државни безбедни засолништа за жртви на насилство, кои имаат капацитет да понудат трајна и сеопфатна поддршка – правна, психолошка и економска, бидејќи жената не смее да биде оставена сама во борбата со насилнико“, велат во соопштението на Левица.

Министерството за внатрешни работи со години демонстрира неспособност и тенденција да не ги сфаќа сериозно поплаките на жените, додаваат од партијата.

„Жртвите на семејно насилство редовно пријавуваат закани, насилство и прогон, а институциите или воопшто не реагираат, или реагираат доцна и половично. Оваа практика испраќа јасна порака дека државата не ја гледа безбедноста на жените како приоритет.Со ова што се случува, се повторува истиот образец што го видовме и со други колективни катастрофи – институциите постојат само на хартија. На терен нема превенција, координација и одговорност. Фемицидите, коишто веќе станаа нормалност во Македонија, не се приватна драма, туку политички неуспех! Секое следно убиство ќе биде сведоштво дека институциите не пропуштилe еднаш, туку дека нивната нефункционалност е системско правило. Покрај алармантната ситуација со жртвите на семејно насилство, државата нема донесено никаква стратегија за спречување и заштита од насилство“, додаваат од Левица.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ