„На почетокот на месец мај во јавноста се појави една мајка на 4 годишно детенце која ја раскажа голготота низ институциите вклучително и судските инстанци и изјави дека неправедно поради корупција, влијаниеја и притисоци старатеството и било одземено. Таа јавно упати апел, мајчински крик до сите институции да застанат и да размислат што прават и дека нивна должност е да се грижат за доброто на детето, а не да спроведуваат друга политика. Како министер и министерство одговорноста е да се грижи за заштита на децата, да гарантира дека одлуките особено од меѓуопштинските центри за социјална работа да бидат во интерес на децата , заради заштита на нивното ментално и физичко здравје и дека ќе бидат заштитени од секаква можност од нивно трауматизирање“, рече Петровска на собраниската седница посветена на пратенички прашања.
Но за жал, констатираше Петровска, овој случај покажува дека не е така.
„Службеници од меѓуопштинскиот центар во Скопје ги газат овие начела, интересот на малото дете го тргнаа настрана и постапуваат спротивно на судско решение. Судот ја има задолжено мајката на 30 јуни да го предаде детето, спротивно на ова вработени во меѓуопштинскиот центар во Скопје на 19 јуни со присуство на полиција и тоа интервентна се обидуваа да го земат детето спротивно на насоките на судот. Моето прашање е дали министерот ќе постапи според надлежностите и дали ќе бидат санкционирни, ова своеволие на корумпираните службеници со цел да се заштити здравјето на ова дете“, праша Петровска.
За сето кажано, Петровска покажа документ за кој рече дека е записник од одржано судско рочиште на 17 јуни годинава, според кој мајката Невена Спасеска според извршната судската одлука треба да го предаде детето на таткото на 30 јуни 2025 година.