петок, 23 јануари 2026

Случајот со апелацискиот судија e симбол на култура на неказнивост, вели Филков

Министерот за правда Игор Филков денеска најави сет итни и долгорочни мерки за стабилизирање на правосудниот систем укажувајќи дека состојбата со интегритетот, одговорноста и ефикасноста на институциите е „реална и длабока кризна точка“, која повеќе не смее да се игнорира. Во обраќањето тој предупреди дека долгогодишните застои во предмети за висока корупција и изостанокот на институционални реакции сериозно ја нарушуваат довербата на граѓаните во владеењето на правото.

Објавено на

часот

Сподели

Како дел од итните мерки Министерството за правда веќе доставило официјално барање до Министерството за финансии за вработување нов кадар во судската и јавнообвинителската служба.

„Таквите појави не смее да се релативизираат, ниту да се игнорираат. Кога предмети за висока корупција стојат со години без разрешница и кога очигледни сомнежи не добиваат институционален одговор, граѓаните оправдано се прашуваат: каде е правдата?“, рече Филков на денешната прес-конференција во Министерството за правда потенцирајќи дека институционалната реакција мора да стане правило, а не исклучок.

Како симптом на длабоките системски слабости, министерот го посочи случајот со апелацискиот судија кај кого биле пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕид од семејната куќа на неговите родители.

„Случајот со апелацискиот судија кај кого беа пронајдени 350.000 евра задзидани во ѕид не е само скандал. Тој е симбол на длабока системска слабост, симбол на култура на неказнивост, молк и меѓусебна заштита, што предолго ја разјадува довербата во правосудниот систем“, изјави тој додавајќи дека ваквите афери ја доведуваат под сомнеж самата функција на судијата, која треба да е во служба на граѓаните и правдата, а не привилегија.

Филков се повика и на истражувањата за перцепција на корупцијата, според што мнозинството граѓани сметаат дека и судиите и јавните обвинители се инволвирани во коруптивни практики. Притоа нагласи дека враќањето на довербата не е прашање на „една мерка или една ноќ“, туку на долгорочен системски пристап.

Во таа насока, Министерството за правда спровело надзор во сите судови во земјата во текот на 2024 и 2025 година, при што биле мапирани предизвиците во овие институции, а наодите, како што рече, јасно укажуваат на сериозен недостиг од кадар. Пополнетоста на судиските места изнесува околу 67 проценти, а на судската служба само 36 проценти, што резултира со одложени рочишта, натрупани предмети, преоптоварени судови и ризик од повреда на правото на судење во разумен рок.

Како одговор, вчера, до Министерството за финансии е доставено известување за итни вработувања во судската и јавнообвинителската служба – записничари, референти, стручни соработници, информатичка и техничка поддршка – засновано на детаљни податоци и потреби од терен доставени од Судскиот совет и Јавното обвинителство.

Паралелно со итните мерки, како што рече министерот, се движат и долгорочните решенија. Подготвен е нов закон за Академијата за судии и јавни обвинители, со кој се воведува годишен прием по прецизни проекции за судови и обвинителства во апелаците подрачја, одделни јавни повици за судии и обвинители, како и мерит‑систем за рангирање со приоритет на најдобрите кандидати при распоредување.

Дополнително, министерот потсети дека е донесен нов Закон за Судскиот совет, со фокус на отчетност, транспарентност и одговорност, а во владина процедура се законите за судска и јавнообвинителска служба, како и законите за плати во правосудството, со цел системски, одржлив и правично урамнотежен модел, усогласен со реформската агенда и европските стандарди.

Во најавите се и Законот за Јавното обвинителство и Законот за Советот на јавните обвинители за поефикасно Обвинителство со јасно дефинирани надлежности и повисоки стандарди на транспарентност во работењето, а новиот Кривичен законик и Законот за кривичната постапка се во финална фаза и усогласени со европските директиви.

„Недостигот од судии, јавни обвинители и административна поддршка директно се одразува врз ефикасноста на постапките и квалитетот на одлучувањето, како и врз остварувањето на темелното право – судење во разумен рок. Без темелни и добро насочени реформи, ваквите појави ќе продолжат да се повторуваат“, порача министерот појаснувајќи дека затоа мерките се креирани, вели, и како пожарогасни и како структурни  – за да обезбедат функционалност денес, а стабилност утре.

Филков нагласи дека состојбата не е изолирана, ниту создадена преку ноќ, туку резултат на години толерирање, недоволна контрола и изостанок на одговорност.

„Решенијата мора да бидат јасни, системски и доследни. Секоја мерка што ја преземаме е насочена кон зајакнување на интегритетот, отчетноста и ефикасноста на правосудниот систем. Онаму каде што има индикации за злоупотреби – ќе има институционална реакција; каде што има слабости – ќе има интервенција. Доволно долго граѓаните чекаа да профункционира системот во кој владеењето на правото ќе биде во служба на граѓанинот, а не на елитите. Тој процес е почнат и назад нема“, изјави министерот за правда.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот рече дека нема застој во реформската агенда, туку станува збор за реално поместување на роковите.

„Кога има неизборни периоди, не можете да носите закони, па затоа приоритетите се поместени. Роковите се до јуни 2026 година бидејќи сме влезени во тој период. До тогаш сите закони ќе бидат донесени“, информира тој.

На прашањето дали очекуваат поддршка од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ за пакет-законите, министерот одговори потврдно, а во врска со прашањето дали се залагаат за повисоки плати на судиите и јавните обвинители, одговори дека работат на услогласување со реформската агенда.

„Не се залагам за повисоки плати. Ние работиме на усогласување со реформската агенда и европските стандарди. Тоа се европските стандарди што ги коментираме“, рече Филков.

Најави дека и Кривичниот законик ќе биде многу бргу готов посочувајќи дека очекува до јуни да се донесе.

Во врска со Изборнито законик, министерот информира дека сè уште чекаат номинации на членови од политичките партии за работната група.

„Лидерската средба ја одржавме кон крајот на декември. Бевме договорени да испратиме допис, каде што баравме номинации – по двајца членови од секоја политичка партија што има своја пратеничка група во Собранието, како и од независните пратеници. За жал, не добивме одговор. Пред пет дена испративме нов допис и сè уште ги чекаме номинациите“, рече министерот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ