вторник, 3 февруари 2026

Случај „Онкологија 2“: ФЗО плаќал за лекови без спроведени постапки и без фактури

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) морал да ги покрие финансиските обврски на Клиниката за радиотерапија и онкологија, иако тие биле создадени преку набавка на лекови на реверс, без претходно спроведени постапки и без фактури, беше посочено на денешното рочиште во Основниот кривичен суд – Скопје за случајот „Онкологија 2“, во кој се обвинети поранешниот медицински директор на Онкологија, Нино Васев, и економскиот директор на Клиниката, Нехад Нухи.

Објавено на

часот

Сподели

Сведокот, поранешен директор на Одделот за финансиско работење при Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), во своето сведочење појасни дека Фондот немал увид во набавките на лекови на реверс од страна на Клиниката, бидејќи за нив немало документација, но, како што појасни, долговите на крајот морало да бидат платени кога фактурите ќе достасале.

„Во декември 2022 година, имајќи ги предвид висината на долговите и достасувањето на фактурите, 823 милиони денари, ако ги видите претходните месеци, а тоа беше моја работа во фондот, достасуваат речиси 400 милиони денари за три-четири месеци. Тоа беше врв на долгот на Онкологија во декември 2022 година. Врз основа на ова, се гледа дека наеднаш стигаат многу повеќе фактури отколку при нормалните нарачки и нормалните купувања со постапките. Ова е поради достасувањето на фактурите што дополнително се креирани за предвреме испорачаните, на реверс земени лекови, кои веќе се потрошени. Моравме на крајот да ги платиме и нив како создадени обврски и долгови. Инаку, дававме пари колку што треба да добијат и согласност. Кога веќе ЈЗУ ќе создаде долг, Фондот е должен да го покрие“, истакна сведокот.

На прашањето на обвинителството, дали при контролите фондот имал увид во набавките на реверс, сведокот одговори негативно посочувајќи дека без фактура нема основ за книговодствена евиденција.

„Не можам да кажам дали таму имало испратница или имало реверс, но немало фактура, што значи ако имало некаква испратница, пусулче, што и да е, кога нема фактура, нема достоен документ за израмнување на книговодствената промена. Нема фактура – не е книжено. Контролите ги гледаат книговодствените документи“, рече сведокот.

Според сведочењето, иако во извештаите од контролите било нотирано дека има лекови за кои нема ниту постапка, ниту договор, ниту фактура и било укажувано дека тоа не смее да се прави, таквата пракса продолжила. На прашањето дали менаџментот постапувал во согласност со укажувањата, сведокот посочи дека „во делот на набавки, без согласност не е постапувано“.

Во однос на финансирањето, беше потврдено дека фондот во периодот од 2018 до 2021 година нема побарано заем од државниот буџет, но дека таков заем бил побаран во 2022 година.

Одбраната побара укинување на притворот за Васев и Нухи

На денешното рочиште одбраната побара од судот да го укине притворот за обвинетите, поранешните директори Нино Васев и Нехад Нухи, нудејќи и имотна гаранција. Според одбраната на Нухи, адвокатката Анита Бегова, деветмесечниот притвор веќе претставува казна пред пресуда и оневозможува ефективна одбрана.

„Пред овој суд во повеќе наврати како доказ дека обвинетите ќе бидат достапни за судење беше понудена и гаранција од Нухи и Васев. Од Нухи конкретно се понудени куќи од четворица негови братучеди во вредност од над 350.000 евра, и од Васев – куќа во Козле со приближна вредност. Сигурна сум и дека ќе се сложите со мене дека секој има право на фер одбрана. Конкретно, сметам дека обвинетите имаат право на фер одбрана и судење, а такво нешто е невозможно затоа што тие се наоѓаат во притвор“, истакна Бегова.

Како причина таа наведе дека во КПУ „Затвор Скопје“ е невозможно да се внесуваат компјутери и средства за подготовка на одбраната, а посетите се временски ограничени, односно имаат право на посета еднаш неделно со времетраење од еден час.

Бранителот на Васев, адвокат Дељо Кадиев, го поддржа предлогот посочувајќи дека е „невозможно да се гради одбрана со клиент што се наоѓа во притвор“ поради, како што рече, ограничувањата во КПУ „Затвор Скопје“.

Кадиев наведе дека вербалните докази се речиси изведени и дека остануваат материјалните, на кои, како што рече, не може да се влијае. Според праксата на Европскиот суд за човекови права, Кадиев додаде дека причините за притвор мора постојано да се преиспитуваат нагласувајќи дека за двајцата обвинети „не може да се зборува за опасност од бегство“.

По предлогот за укинување на мерката притвор, беше најавено дека судот и обвинителството ќе се произнесат на следното рочиште закажано за 17 февруари 2026 година за кога е најавено присуство на претставник од Државниот завод за ревизија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ