Слободни и независни, кои учествуваат на локалните избори во Скопје, денеска одржаа прес-конференција пред ДИК, на тема „Недемократски и нефер локални избори 2025 во Македонија – Загрозување на демократските принципи и еднаквоста на кандидатите“.
„Оваа иницијатива е одговор на сериозните системски проблеми кои ги уриваат основите на фер изборен процес, а кои директно влијаат врз правото на граѓаните да изберат информирано и слободно“, вели Владимир Куновски, кандидат за градоначалник на Скопје, од Слободни и независни.
Тие констатираат дека енормните трошоци за кампањата – преку 20 милиони евра се колку годишен буџет на една скопска општина.
„Сите партии заедно ќе потрошат преку 20 милиони евра во оваа кампања, што е сума еднаква на годишниот буџет на една просечна скопска општина. Владејачката коалиција и опозицијата заедно делат по 2,5 милиони евра од државниот буџет за медиумска кампања, а малите партии и независни кандидати се ограничени на само 700 евра за цела кампања. Овие пари, наместо да се инвестираат во реални проекти за граѓаните, се расипуваат на партиски пропаганди, оставајќи ги општините во долгови и без суштински развој. Оваа екстраваганција е срам за демократијата и бара транспарентност и контрола од ДИК“, истакнуваат од Слободни и независни, додавајќи дека кампањата се одвива во застарен формат, со „смешни видеа и неискрени пораки, далеку од реалноста на граѓаните“.
„Такви пораки ја враќаат јавната свест кон старите коруптивни практики, наместо да поттикнат вистински реформи“, истакна Владимир Куновски.
Втората забелешка е отсуството на соочување на јавниот сервис МТВ.
„Јавниот сервис МТВ, кој има обврска да обезбеди рамноправна платформа за сите кандидати, сè уште нема организирано телевизиско соочување за скопските општини, вклучително и за Град Скопје. Оваа пасивност е дополнително загрижувачка, со оглед на тоа што кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ систематски одбиваат да учествуваат на дебати на приватните телевизии, бојкотирајќи го демократскиот дијалог и спречувајќи ги граѓаните да ги споредат програмите и ставовите на сите учесници. Посебно беа критикувани јавниот сервис МТВ и АВМУ поради откажување на соочувања меѓу кандидатите, вклучително и планираниот ТВ-дебатен дуел за Чаир, меѓу Изет Меџити, Бујар Османи и адвокатот Ицо Колевски, кандидат предложен од Работничка партија“, велат од Слободни и независни.
Во тој контескт, се надоврзува и неможноста на малите партии и независни кандидати да ја претстават својата програма на медиумите.
„Малите партии и независните кандидати се соочуваат со сериозни бариери во пристапот до медиумите, што ги спречува да ги презентираат своите програми и визии пред граѓаните. Оваа исклученост го намалува плуралитетот на гласови, ја поткопува легитимноста на изборниот процес и остава граѓаните без вистински избор, фаворизирајќи ги доминантните сили кои монополизираат просторот за комуникација.
Овие проблеми не се изолирани – тие се дел од пошироката слика на нееднаквост, каде големите партии монополизираат медиуми и ресурси, а малите партии и независните кандидати се маргинализираат. Граѓаните заслужуваат фер избори, а не спектакл за партиски елити. Бараме од ДИК и АВМУ итно да ги ослободат просторите за дебати во МТВ, да ја регулираат распределбата на бесплатните реклами и да ги казнат сите повреди на изборните правила“, порачуваат од Слободни и независни, додавјаќи дека за ова ќе биде известена и мисијата на ОДИХР, за да се обезбеди меѓународен надзор врз овие повреди.
Движење Слободни и независни (Слободоумни и финансиски независни) е составено од долгогодишни граѓански активисти препознатвиви преку здруженија: Но Пасаран, Човекот над профитот и Превентива. Политичкото крило на движењето е претставено од ПП Работничка партија Скопје.






