Како што соопшти Народна банка, Славески нагласил дека Народната банка, како носител на монетарната политика, постојано ги оценува големината, природата и влијанието на шоковите на домашната економија. Според него, за да се изгради отпорност, потребни се кредибилна монетарна политика и ефикасни макропрудентни мерки со цел да се задржи макроекономската стабилност и стабилноста на банкарскиот систем.
„Народната банка ја покажа својата способност за решително дејствување, придонесувајќи за намалување на инфлацијата и одржување на финансиската стабилност. Соочени со нов бран на неизвесност, нашата цел и натаму е обезбедување стабилност во услови на динамични светски промени“, истакнал Славески.
На средбата било нагласено значењето на партнерството и соработката меѓу Народната банка и Светската банка во рамките на проектот за модернизација на платните системи за земјите од Западен Балкан. Притоа беше искажана силна поддршка за напорите на Народната банка за успешно завршување на процесот за зачленување на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и за вклучувањето на сите банки во шемата за кредитни трансфери на СЕПA.
„Пристапувањето на Македонија кон СЕПА во 2025 година веќе дава конкретни резултати. Трошоците за трансфер се намалија за 80 отсто, а надоместоците за трансакција од 20.000 евра се намалија од 0,33 проценти на 0,04 отсто. Во поширока смисла, се очекува дека со пристапувањето на земјите од Западен Балкан кон СЕПА, тие ќе имаат заштеда од околу 0,6 отсто од регионалниот БДП или околу 1 милијарда евра“, рече директорката на Светската банка за Западен Балкан, Шјиаочјинг Ју.
Како што посочуваат оттаму, тоа претставува значаен чекор во натамошната интеграција на домашниот платен систем во европскиот платен простор и придонесува за унапредување на ефикасноста, брзината и транспарентноста на прекуграничните плаќања во евра за граѓаните и за компаниите. Се разговарало и за продолжување на поддршката којашто Светската банка ѝ ја дава на Народната банка во спроведувањето на системот за брзо плаќање за домашните и регионалните трансакции.
На средбата бил разгледан и напредокот на повеќе проекти за кои Светската банка обезбедува техничка поддршка, а коишто придонесуваат за јакнење на механизмите за задржување на финансиската стабилност. Притоа, беа нагласени придобивките од учеството на Народната банка во студијата за оцена на одржливоста на компаниите и целиот корпоративен сектор во земјава, којашто беше спроведена во 2024 и 2025 година со поддршка на Светската банка. Аналитичката алатка врз основа на која беше изработена студијата значително ќе придонесе за посеопфатни системски анализи и супервизорски оцени на Народната банка, како и за операционализација на рамката за решавање банки.






