Како што соопштија денеска од Народна банка, особено внимание на средбата ѝ било посветено на улогата на централните банки во справувањето со инфлацијата.
„Притоа беше посочено дека и покрај успешното справување со инфлацијата во светски рамки, ризиците се присутни и понатаму. Променливоста на светските пазари на примарни производи се соочуваат со зголемен интензитет, под влијание на постојаните геополитички тензии. Ова е особено важен фактор за малите и отворени економии, како што е македонската, во кои голем дел од производите се увезуваат, а храната и енергијата имаат големо учество во вкупната потрошувачка“, се вели во соопштението од Народната банка.
Гувернерот Славески посочил дека сегашната поставеност на монетарната политика е соодветна на економските услови, имајќи ги предвид и ризиците од надворешното и од домашното окружување. Тој потенцира дека Народната банка, како и досега, внимателно ќе ги следи движењата кај најважните показатели и ризиците и ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс и на ценовната стабилност.
Славески и Рокас ја истакнале важноста од пристапувањето на земјава во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), како стратегиски чекор за економска и финансиска конвергенција кон Европската Унија, коешто се очекува да има значајно влијание врз конкурентноста, финансиската вклученост и модернизацијата на домашниот финансиски систем.
На средбата било истакнато дека Народната банка остварува плодна соработка со Делегацијата на Европската Унија во спроведувањето на својата стратегиска ориентација и во процесот на усвојување на најдобрите практики и стандарди коишто сѐ повеќе ја приближуваат до Европскиот систем на централни банки, преку значајни проекти, техничка помош и активности за јакнење на капацитетите.