Како што истакна Славески на денешната отворена работна средба со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и со претставници на раководството на Комората, дел од девизните резерви се во злато кое Македонија го чува во Банката во Англија. Тим на НБ предводен од гувернерот наесен планира да ја посети Англиската банка и да провери дали златото е таму. Но, златните резерви, информира гувернерот, засега не се на задоволително ниво.
„Можеме да бидеме сигурни дека девизните резерви се во сигурни раце. Тие не биле никогаш проблем. Има посебни дирекции во НБ кои раководат со нив и за тоа поднесуваат извештај до Собранието. Имаме обучени лица кои континуирано ги следат девизните резерви и движењата на пазарите, на дневна основа. Дел од девизните резерви се во злато кое го чуваме во Банката во Англија. Планирам со мој тим наесен да провериме дали е таму. Надлежни лица од НБ биле во инспекција и тоа е редовна процедура. Остатокот се вложува во сигурни хартии од вредност и во банки кои се меѓу најсигурните во светот. Редовно имаме позитивни приходи од чувањето на девизните резерви и од раководењето со нив“, истакна Славески, потсетувајќи дека висината на девизните резерви е клучен фактор за одржување на фиксниот девизисен курс кога има нестабилност на светските пазари.
Тој не знае, рече, зошто е прекината практиката земјава да не го зголемува износот на монетарното злато.
„Во минатото НБ од рудниците го откупуваше златото и го ставаше во златните резерви. Моментно тие не се на задоволително ниво. Златото барем последната година двојно ја зголеми цената. Секогаш кога настанува некоја несигурност во светот, инвеститорите бегаат во сигурни средства, а едно од нив е златото“, потенцира гувернерот.
Во текот на јавната дискусија, Азески укажа дека за бизнисот се уште клучни проблеми се борбата против корупцијата, сложените банкарски процедури за граѓаните и компаниите, транспарентноста,…
„Сите се колнеме во транспарентност, а транспрентноста никаде ја нема, на пример за државната помош со странските инвеститори, за стоковните резерви, за девизните резерви…“, рече Азески.
Тој уште кажа дека извршната власт има разбирање дека треба да се стремиме кон ниски стапки на инфлација, кон нивото што се постигнува во еврозоната.
„Имавме средба со премиерот, му кажавме дека може да се најдеме во ситуација нашите цели да се конфликтни зашто секоја влада сака да го забрза растот, но во последните 4 – 5 години голем број политичари во светот ги загубија изборите токму поради незадоволството на граѓаните од високата инфлација, како што беше случајот со САД. Победата на Трамп, во краен случај, ја донесе незадоволството од високите цени и високата инфлација“, рече денеска гувернерот на Народна банка (НБ), Трајко Славески.
Како што оцени Славески на работната средба во Стопанската комора, инфлацијата што ја прикажува статистиката е сосема различна од перцепцијата на граѓаните.
„За нив инфлацијата е 40 – 50 проценти. Пред 2,5 години миење автомобил беше 250 денари, а сега е 500 денари. Тоа е перцепцијата на граѓаните. Никој не верува дека инфлацијата е 2,5 или 3 отсто. Граѓаните, по моја проценка, имаат памтење од 4 до 5 години за нивото на цените. Мислам дека имаме разбирање кај извршната власт, дека им користи ниска инфлација. На среден рок ќе се стремиме инфлацијата да биде на ниво на она што е во еврозоната“, потенцира гувернерот.
Според него, нема никаква мистерија како земјава успеа да го одржи фиксниот девизен курс од последната корекција во 1997 година.
„Тоа беше единствено зашто нашата стапка на ифлација во просек четвртина век не остапуваше од инфлацијата во еврозоната. Ако отстапува, ако имате акумулирање, полека губите од конкурентноста на економијата. Оттука, имаме разбирање од извршната власт дека треба да се стремиме кон ниски стапки на инфлација, кон она што се постигнува во еврозоната. Сега има отстапување, има отстапување и во каматните стапки, од политиките, но и за тоа има причини – опашките од некои поранешни однесувања, од глобалните движења и домашните политики се уште опстојуваат. Базичната стапка на инфлација е уште висока и опстојува, некаде околу пет отсто“, објасни Славески.
Во однос на кредитирањето, тој порача дека НБ не е пречка за финансирање на бизнисот ако се нудат издржани проекти.






