„Девизните резерви се повисоки за околу 50 отсто во однос на 2019 година и изнесуваат приближно 4,9 милијарди евра. Тоа е комотно ниво што гарантира стабилност на девизниот курс и обезбедува простор за интервенции доколку се укаже потреба“, истакна Славески.
Тој потсети дека за време на пандемијата дел од девизните резерви беа искористени преку интервенции на девизниот пазар, но во наредниот период тие беа целосно надоместени.
Во моментов, посочи, девизните резерви обезбедуваат покриеност на увозот од 4,6 месеци, што е ниво над сите релевантни меѓународни стандарди и дополнително ја потврдува стабилноста на девизниот и финансискиот систем.
Воедно, Славески информираше дека кај големите банки е направен значаен прв чекор во насока на намалување на банкарските провизии.
„Големите банки не само што ги намалија провизиите во висина на намалените давачки, туку дополнително ги намалија и за 15, 20, па дури и 30 проценти, откажувајќи се од дел од сопствената заработувачка. Постои јасна тенденција на намалување на провизиите“, истакна гувернерот Славески.
Воедно, тој најави дека наскоро се очекува донесување на измените на Законот за платежни услуги, со кои значително ќе се прошират функциите на основната платежна сметка, во интерес на граѓаните.
Со законските измени, како што велат од Народната банка, ќе се овозможи дозволено пречекорување на основната платежна сметка, нејзино користење и од лица кои веќе имаат други сметки, проширување на пакетот бесплатни услуги во интерниот и меѓубанкарскиот платен промет, како и до четири бесплатни подигнувања готовина месечно од банкомати на други банки.
Дополнително, Народната банка предложи и приспособен пакет за микротрговците, со цел поттикнување на финансиската вклученост и натамошна дигитализација на плаќањата.






