Наместо да спроведе судска пресуда, велат од СКРМ, министерот самоволно и тврдоглаво, незнајно од кои причини, повторно ја воведува истата незаконска формула – така наречената „разлика меѓу август и септември 2023“, формула која судот експлицитно ја прогласи за спротивна на Општиот колективен договор и на утврдените права на вработените.
„Со ваквото дрско и свесно постапување, кое претставува морална недоличност со умисла, преку одбивање да се постапува по службена должност и преку непочитување на универзалните начела на правото, господинот министер не само што ги пречекорува своите овластувања, туку се поставува над судот, над колективните договори и над законите. Ова е директно кршење на владеењето на правото, создавање правна несигурност и грубо мешање во веќе утврдени работнички права. Ова не е ‘упатство’, туку обид за поништување на правниот поредок во културата. Не станува збор за никаква ‘административна грешка’, туку за свесно и јавно кршење на колективните договори, самоволно редефинирање на платите и демонстрација дека господинот министер си зема за право да измислува права, наместо да ги спроведува“, реагираат од СКРМ.
Оттаму додаваат дека „ова упатство е срочено без ИССО стандарди, нема кој го составил и кој го одобрил, потписот на министерот е осамен – како министерот сам да го срочил – затоа што е јасно: никој што ги познава законите не сака да стави потпис на ваков противзаконски документ“.
„Министерот за туризам, кој во моментов си ја додели улогата на правник, адвокат и судија, утре можеби вештак, а зошто да не и премиер, мора да научи една едноставна, но суштинска лекција: не постои акт на министер што е над судска пресуда и над колективен договор. СКРМ нема да дозволи платите во културата да се пресметуваат по ‘министерска математика’, наместо согласно закон и колективни договори. Повторно ќе ги преземеме сите расположливи правни механизми – од управни спорови, до иницирање постапки за утврдување кривична одговорност – со цел да се запре ова самоволие и да се заштитат правата на вработените во културата, кои добро знаат колку трнлив беше патот до склучување на Колективниот договор, на кој очигледно министерот заборави откако стана дел од извршната власт“, се наведува во реакцијата на СКРМ.
Од СКРМ се децидини дека кога извршната власт се поставува над судската, во случајов министерот Љутков, тоа не е чин на управување, туку чин на узурпација на воспоставените и договорени норми и правила.
„Дали премиерот Христијан Мицкоски знае дека министерот за туризам донел упатство без претходно да биде свикана Комисијата за толкување на Општиот колективен договор, како што јасно стои во информацијата на Влада од 9 декември 2025, што по редот на нештата треба да е основа за да се донесе какво било упатство за проблем кој зависи од сосема други страни. Дали господинот министер, со ова самоволие преку ова упатство, покрај тоа што се става над законите и судовите во државата, има намера да делува спротивно на насоките на владата од која е дел?
Според СКРМ, со вакво однесување, преку континуирано кршење на законите и колективните договори, не се добиваат поени во една Влада; напротив, директно се нарушува нејзиниот кредибилитет и се урива нејзиниот рејтинг.
СКРМ доби уште 13 судски пресуди кои со претходните две се веќе 15, и истите ќе бидат објавени.






