понеделник, 8 декември 2025
Репортажа - прв дел

Скриеното богатство на Турција се открива за туристите – митологијата се докажува со артефакти

Откако туристите од Македонија пред 30-ина години ја открија Турција како хит-летна дестинација, се чини дека магијата за повторно навраќање по нови доживувања и откривања на оваа географски и менаталитетски блиска земја не минува. Иако во Турција има многу скриени (неистражени) богатства и приказни, одржувањето на пријателските врски со Македонија не се никаква тајна. Можеби затоа секое ново патување во Турција е предизвик за нови сознанија и пријателства за Македонците.

Објавено на

часот

Сподели

Тоа го потврдува и статистиката на Министерството за култура и туризам на Турција, со заклучокот дека силните билатерални односи меѓу Турција и Македонија се одразуваат и во туризмот.

„Патувањата меѓу двете земји поттикнуваат не само културна размена, туку и деловна и уметничка соработка. Интересот за Турција меѓу македонските патници покажува постојан раст. Во 2024 година, Турција пречека 246.626 посетители од  Македонија, а во првите осум месеци од 2025 година, оваа бројка достигна 160.121. Многу македонски туроператори активно ги промовираат егејските и медитеранските брегови на Турција, особено Анталија. Обемните можности за шопинг во Турција, исто така, ја прават врвна дестинација за патувања фокусирани на малопродажба“, се вели во анализата на Министерството за култура и туризам на Турција.

Митовите добиваат археолошки докази во Анадолија

Некако како воспоставена и вообичаено прифатена фраза за Турција е дека земјата е крстопат на цивилизациите, и самата цивилизација на два континента, но она што секогаш изненадува е – таму постојат докази дека она што се кажува во митовите некогаш навистина се случило. На пример, во Археолошкиот музеј во Ушак, постојат вистински златни артефакти од митот и флоскулата која и денес се употребува – „богат како Крез“.  Артефактите од богатството на кралот на Лидија од 7 век п.н.е. биле и предмет на судски спор меѓу Турција и Музејот на уметноста Метрополитен, по што спорните археолошки предмети ѝ се вратени на Турција во 1993 година. Сега се наоѓаат во Археолошкиот музеј во градот Ушак, кој пак три пати бил ограбуван, слично како неодамнешниот грабеж во париски Лувр.

Во античкиот град Хиерополис (кај нас попознат како Памуккале), навистина постои влезот во пеколот! Пештерата што го претставува „пеколот“ се нарекува Плутонион и во нејзина близина имало и театар, каде 800 луѓе можеле да ги следат ритуалите на принесување жртва на богот на подземјето. Жртвите, главно домашни животни, брзо биле задушени од гасот на влезот во пештерата. Но гасот не се издигал до дишните патишта на свештениците кои ги примале жртвите, и така го создавале митот за нивната „чудесна моќ“. Секако на другите „смртници“ им бил забранет пристапот до „влезот на пеколот“, а ритуалите ги гледале од безбедна далечина на блиската височина. Воедно, од тие ритуали е создаден и театарот, како уметност.

Уште една докажана библиска вистина во археолошките наоѓалишта низ Турција е постоењето на градот Лаодикеја, една од седумте цркви на Откровението,  древни цркви за кои пишувал Свети Јован во Библијата.

Во Анадолија, во градовите Денизли, Ушак, Испарта, можете слободно да поверувате и во митот за летечките ќилими, дури и кога цврсто газите со нозете по нив. Според интензитетот и амбицијата на археолошките истражувања, не е исклучено да се наиде и на „светиот грал на археологија“ – гробот на Александар Македонски. Секако, тоа не се изговара гласно, но трагите на Александар Македонски се значајни во археолошките истражувања во Турција. Интензивно се работи на археолошкиот локалитет Блаунд, антички град создаден од војсководецот на Александар Македонски, Антигон.  И во приказните на античкиот град Сагаласос, се провлекуваат нишки од освојувањата на Македонецот Александар Трети…

Природните и културно-историските атракции во Програмата за одржлив туризам на Турција

Развиена според меѓународни стандарди, Програмата за одржлив туризам на Турција охрабрува постојните туристичките објекти и дестинации да се развиваат континуирано да растат. Ефективното, одржливо планирање и глобалните практики за одржливост во туристичката индустрија се забрзани, а еколошки одговорните и чувствителни сместувачки капацитети почнаа да се регистрираат. Објектите можат да добијат документ за верификација или сертификат преку годишни евалуации на независни меѓународни ревизорски институции.

Пограмата за одржлив туризам на Турција ги наградува вистинските практичари на одржлив туризам и гради доверба и кредибилитет кај посетителите. Преку програмата, Турција не само што ги исполнува обврските што произлегуваат од меѓународни договори како што е Парискиот договор за климата, туку претставува и пример за сите сектори и светот со трансформацијата на туризмот во оваа насока.

Оваа програма има за цел да обезбеди сите сместувачки капацитети во Турција да се усогласат со глобалните практики за одржливост во постепени транзиции до 2030 година и дека сите меѓународни стандарди ќе бидат исполнети до 2030 година.

Во таа насока е и сè понагласената амбиција, интересот на туристите да се прошири од морското крајбрежје (Анталија како „епицентар“ на турскиот „ол инклузив“ туризам), Истанбул, Кападокија…) кон скриените богатства, не помалку атрактивни во централниот „неморски“ дел на Турција.

Централна Анадолија – новиот адут на турскиот туризам

Областа Централна Анадолија, пред сè градовите Денизли, Ушак и Испарта со скриените богатства во нивна близина, се чини стануваат новите адути на турскиот туризам.

Иако името на градот Денизли, асоцира на близина на морето („дениз“ на турски –„море“), сепак тој е сместен на раскрсницата на Егејскиот, Централнанадолскиот и Медитеранскиот регион на Турција и – не излегува на море. Всушност името му потекнува од „домусли“, регион каде се одгледувале прасиња, во времето на некоја од цивилизациите што Османлиите ги затекнале при освојувањето. Бидејќи свинското месо не е во согласност со принципите на исламската религија, одгледувањето на прасиња престанало, а „Домусли“ станало Денизли.

Секако, Денизли е на раскрсницата на Анадолија, а бил домаќин на многу цивилизации низ историјата со својата географска локација и природна убавина. Така, денес во Денизли, може да се сретнат траги на многу цивилизации како што се: Хетитската, Фригиската, Лидиската, Римската и Источноримската. Но најпознат низ светот е со античкиот град Хиераполис, вклучен во списокот на светското културно наследство на УНЕСКО, заедно со травертините Памуккале како културно и природно наследство.

Во негова близина е античкиот град Лаодикеја – една од седумте цркви споменати во Библијата, а тоа што се наоѓал на освојувачките и караванските патишта, му дава на Денизли посебно значење. Лаодикеја се наоѓа на 15 км од Памуккале.

Античкиот град Хиераполис е сместен 18 км северно од Денизли, на истото место како и травертините од Памуккале. Хиераполис се смета за „свет град“ поради присуството на храмови и религиозни објекти. Основан е од Еумен II, крал на Пергам, на почетокот на 2 век п.н.е. Именуван е по Хиера, сопругата на Телеф – наводниот основач на династијата Аталид во Пергам. Топлите извори на Хиераполис, термален центар во античко време, биле посетувани од луѓе од различни делови на Анадолија илјадници години во потрага по здравје, лековити третмани и убавина. Денес, термалните базени се посетуваат и за убавина, и здравје. Меѓу градбите што вреди да се посетат тука се Гимназијата, Терасата за набљудување Памуккале, травертините, Мартириумот и црквата на Свети Филип Апостол, Античкиот театар Хиераполис, Археолошкиот музеј Хиераполис, Античкиот базен (Базенот на Клеопатра) и Плутониумското светилиште (Портата на пеколот). Како дел од проектот Ноќни музеи, античкиот град Хиераполис останува отворен за посета до 23 часот во текот на летото.

Памуккале пак се одликува со прекрасни бели травертини, формирани кога термалната вода презаситена со калциум карбонат доаѓа во контакт со кислородот на површината, создавајќи форми слични на замрзнати водопади и мали базени што личат на тераси. Памуккале е вклучен во речиси сите листи на „места што мора да се посетат“!

Но во близината на Денизли, постои и подземно Памуккале – пештера Каклик. Оваа пештера се наоѓа на околу 45 километри од травертините на Памуккале. Наречена „подземно Памуккале“, отворена е за јавноста од 2002 година. Но, травертините во пештерата се природно помали од оние на Памуккале. Пештерата е формирана пред повеќе од 2,5 милиони години за време на плиоценскиот период. Најдлабоката точка на пештерата, која е долга околу 190 метри, е на околу 14 метри од влезот. Полн е со травертински базени, сталагмити, сталактити и голема количина сулфур, што ѝ дава на пештерата специфичен мирис. Поради овој мирис, мештаните ја нарекле пештерата „Кокархамам пинари“, што се преведува како „Смрдлив извор во бањата“. Се верува дека неколку базени од рид и водопади во пештерата се корисни за лекување на кожни заболувања и артритис.

Античкиот град Лаодикеја е сместен неколку минути северно од денешно Денизли, на патот кон Памуккале, позната како еден од најголемите трговски центри во историјата. Хеленистичкиот град го основал селевкидскиот крал Антиох II Теос и го добил името по неговата сопруга, кралицата Лаодикеја, околу средината на третиот век п.н.е. Подоцна, регионот целосно потпаднал под римска власт во 130-129 година п.н.е. Градот, сместен во средината на долината Чуруксу, на раскрсницата на регионите Фригија, Лидија и Карија од античката географија, исто така имал големо значење за христијанскиот свет и е светилиште за поклонение уште од 4 век од н.е. Тој бил една од Седумте цркви на Откровението, кои се древни цркви за кои пишувал Свети Јован во Библијата. Секоја црква добила писмо со кое ги повикува да се покаат за своите гревови и да го поправат својот пат. Кога биле испратени писмата до црквите, секој град од црквите имал активни христијански заедници. Во раниот источен римски период, Лаодикејската црква, еден од најраните преживеани примери на Седумте цркви, го воспоставила градот како религиозен центар. Црквата и нејзината конгрегација биле осудени за млака вера во писмото.

Меѓу значајните градби на Лаодикеја што преживеале до денес се најголемиот стадион во Анадолија, театри, комплекс со четири бањи, агори, нимфеи (фонтани), порти, зграда на парламентот, храмови, цркви, јавни тоалети и монументални улици. Градот е опкружен со гробишта (некрополи) од своите четири страни. Лаодикеја е вклучена во прелиминарниот список на светско наследство на УНЕСКО.

Денес, во Лаодикеја се вршат ископувања како дел од проектот „Наследство за иднината“, инициран од турското Министерство за култура и туризам за зачувување на археолошкото наследство на Анадолија и негово пренесување на идните генерации. Минатата година, археолошките ископувања открија збирка од извонредни скулптури на Скила во античкиот град. Овие извонредни скулптури, кои го одразуваат барокниот стил од хеленистичкиот период, се издвојуваат со нивната добро зачувана оригинална боја и уметнички стил. Во Хомеровата „Одисеја“, Скила е опишана како морско чудовиште кое Одисеј го среќава за време на неговото авантуристичко патување назад кон својот дом.

Јасминка Павловска

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ