Како што соопштија од Клиниката, иницијативата има за цел да ги охрабри сите индивидуи и здравствени работници да му дадат приоритет на здравјето на спиењето, а Универзитетската клиника за психијатрија се приклучи кон оваа иницијатива, преку едукација на граѓаните и нудење помош за подобрување на квалитетот на спиењето.
„Целта е да се укаже на важноста на спиењето во однос на здравјето како општа благосостојба, да се укаже на последиците од недоволно спиење и да се зборува и за растројствата на спиење и начините на лекување. Недостигот на спиење наредниот ден ги нарушува нашите егзекутивни финкзии, намалена е концентрацијата, забавен е мисловниот процес и успорена е психомоториката, па често може да се погреши во проценката на одредена ситуација (возење, управување со машина и др.). Секако дека сите овие состојби, ако се долготрајни, како хронична несоница или потешкотии со заспивање и одржување на спиењето можат да доведат и до анксиозни состојби, па дури и до депресија“, вели проф. д-р Ненси Манушева од Универзитетската клиника за психијатрија.
Според резултатите од анкетата, 44,6 отсто од испитаниците би сакале повеќе информации или стручна поддршка за подобрување на квалитетот на спиењето, а речиси ист е процентот (42,2 отсто) на испитаници кои се изјасниле дека само понекогаш се чувствуваат одморено кога ќе се разбудат. Третина од испитаниците се изјасниле дека се чувствуваат одморено, а 24 отсторетко се чувствуваат одморено по будењето. Најголем процент од испитаниците сметаат дека сонот влијае врз нивното расположение (71 отсто), концентрација (64 отсто) и работна ефикасност (63,3 отсто).
„Овие резултати укажуваат на тоа дека голем дел од граѓаните се соочуваат со проблеми во овој сегмент и имаат потреба од повеќе информации и стручна поддршка за подобрувањето на спиењето. Децата со конзистентни рутини пред спиење имаат подобар квалитет на сон“, се наведува во анкетата.
Фокусот на Европското здружение за истражување на сонот годинава е ставен на промовирање здрави навики за спиење кај децата, имајќи предвид дека спиењето е основа за правилен раст, учење и емоционална благосостојба.
„Со оглед на сè поголемите предизвици како што се прекумерната стимулација, нередовниот дневен распоред и користењето екрани во вечерните часови, иницијативата има за цел да ги охрабри и поддржи семејствата, наставниците и здравствените работници да му дадат приоритет на здравјето на детскиот спиењето“, велат од Клиниката за психијатрија.
Според проф. д-р Стојан Бајрактаров од Универзитетската клиника за психијатрија, спиењето не е само одмор, туку основа на физички развој, когнитивно созревање и емоционална регулација кај децата.
„За време на спиењето, мозокот ги консолидира новите знаења, се лачат хормони клучни за растот, а нервниот систем се обновува. Но, не е важно само колку детето спие, туку и кога и како. Истражувањата покажуваат дека децата со конзистентни рутини пред спиење имаат подобар квалитет на сон, повисока емоционална стабилност и подобри резултати во учењето. Рутината – читање, тивок разговор, намалување на стимулации, му сигнализира на мозокот дека е време за одмор. Кога децата спијат добро, тие растат, учат и напредуваат. Здравиот сон не треба да е привилегија, туку инвестиција во здравјето и иднината на децата“, вели проф. д-р Бајрактаров.
Како дел од европскиот месец за подигнување на свеста за спиењето, денеска, на 6 март се одржува „Ден во пижами“, иницијатива која ги повикува учесниците да дојдат во пижами на работа, на училиште или на локални настани.
„Овој неформален пристап испраќа пораката дека спиењето е основа за здравјето и благосостојбата, а подобрувањето на навиките за спиење носи придобивки за сите – и за децата и за возрасните“, велат од Клиниката за психијатрија.






