„Во овие тешки моменти, ги уверуваме судиите од Албанија, и семејството на покојниот судија, дека тие се во нашите мисли, па затоа изразуваме силна поддршка кон сите колегите судии, судската служба и целиот судски систем во Република Албанија, кои се соочуваат со болката од загубата, но и со загриженоста за безбедноста и достоинството на третата власт. Овој суров чин не е само напад врз една личност, туку тоа е напад врз основните принципи на правдата, независноста на судството и владеењето на правото. Воедно, убиството на нашиот колега само ја потврди загриженоста на судиите во целиот регион, за нивната сигурност и достоинствено почитување на нивните права што во последните години е доведено во прашање во повеќе балкански земји, вклучувајќи ја и Р.С. Македонија“, се наведува во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.
Во тој правец, се додава во соопштението од судиите на Основниот кривичен суд Скопје, ги повикуваме сите компетентни институции во Албанија и меѓународната заедница да ги превземат сите неопходни мерки со кои ќе ја унапредат безбедноста на судиите и судската служба при извршување на нивната службена должност, што не е ништо друго освен гарантирање на правната сигурност и заштита на Уставно загранатираните права и обврски на граѓаните на Албанија.
„Ние, Судиите на Основниот кривичен суд – Скопје, веруваме дека правдата мора да победи, дека безбедноста на судиите е крајно неопходна, и дека ние сите — како судска професија и како општество мораме да стоиме цврсто во одбрана на правдата, достоинството и институционалниот интегритет“, пишува во соопштението.
Албанскиот судија Астрит Каљаја беше убиен вчера за време на судско рочиште во Апелациониот суд во Тирана.
Напаѓачот, влегол во судницата и го застрелал Каљаја, кој бил однесен во болница каде што му била пружена медицинска помош. Каљаја долги години бил судија кој во 2019 година го поминал процесот на верификација, по што му била потврдена судиската функција од Независната квалификациска комисија, а потоа и од Специјалниот жалбен панел во 2022 година.






