Според објавата на градоначалникот на социјалните мрежи, приемите се одржуваат во духот на, како што наведува, „отворена комуникација, достапност и одговорно локално раководење“.
„Како што ветив – градот е отворен за сите. Без бариери, без затворени врати, без игнорирање. Секој проблем е забележан, секој предлог е запишан“, наведува Ѓорѓиевски во објавата.
Ѓорѓиевски информира дека дел од обраќањата биле направени и телефонски, со цел, како што вели, „секој глас да биде слушнат, а секоја порака да добие внимание“.
Тој нагласува дека поддршката што ја добил од граѓаните е силна мотивација, додавајќи дека многумина му посочиле оти ретко кој градоначалник досега лично ги повикал или примил.
„Она што ме мотивира најмногу е добриот збор и поддршката што ја слушнав од граѓаните, кои искрено ми кажаа дека ретко кој градоначалник во минатото лично ги побарал, сослушал и примил“, се вели во објавата.
Од Град Скопје најавуваат дека средбите со граѓаните ќе продолжат и во текот на денот, а доколку има потреба и следниот ден.






