понеделник, 15 декември 2025

Скопскиот Апелациски суд ја зголеми казната затвор за Васил Јованов за сообраќајката во која загина Фросина Кулакова

Апелацискиот суд Скопје ја зголеми казната за Васил Јованов на 13 години. Јованов беше првостепено осуден на 12 години затвор за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Тој во јануари годинава, возејќи со брзина од 91 километар на час, без возачка дозвола и пијан, поминувајќи на црвено светло на пешачки премин удри во Фросина Кулакова, која почина на лице место.

Објавено на

часот

Сподели

„Апелацискиот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека по одржана јавна седница на 6.10.2025 година, а по спроведено советување и гласање на нејавен дел од седницата на ден 27.10.2025 година, донесе пресуда со која ја уважи жалбата на Основото јавно обвинителство Скопје и ја одби како неоснована жалбата на обвинетиот В.Ј. од С“, пишува во соопштението од Апелацискиот суд Скопје.

Од Судот велат дека пресудата на Основниот кривичен суд Скопје е преиначена само во делот на висината на изречената казна, така што обвинетиот Васил Јованов кој со првостената пресуда е осуден за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, се осудува на казна затвор во траење од 13-тринаесет години.

„Во останатиот дел првостепната пресуда се потврдува“, дополнуваат оттаму.

Првостепено, Основниот кривичен суд Скопје во мај годинава го огласи Јованов виновен за сообраќајната несреќа на булевар „Партизански одреди“ во Скопје, во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.

Судот тогаш му изрече казна затвор од 12 години, забрана за управување возило од пет години и парична казна, земајќи ги предвид признанието на вина и каењето како олеснителни околности, а како отежнителни – возење без дозвола, под дејство на алкохол, преминување на црвено и претходна осуда за недозволена трговија со дрога.

Според обвинението, Јованов на 29 јануари возел со брзина од 91 километар на час, без возачка дозвола и пијан, поминувајќи на црвено светло на пешачки премин, при што удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло. Од ударот таа починала на лице место. За ова кривично дело е предвидена казна до 20 години затвор.

Во меѓувреме, во Основниот кривичен суд Скопје против таткото на Васил Јованов, Зоран Јованов, се води судски процес за кривично дело загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства, бидејќи во период од ноември 2022 до јануари 2025 му дозволувал на својот син Васил да управува автомобил без возачка дозвола, иако знаел дека е повеќекратен сторител на сообраќајни прекршоци, што според обвинителството придонело за трагичната несреќа во која загина Фросина Кулакова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ