Овие жители кои живеат во центарот на Скопје со години се сведоци на палење на електрични кабли поради крадење на бакарот, што доведувало до бројни пожари и интервенции на противпожарната служба, меѓутоа поради непристапноста на теренот последиците биле огромни.
„Секојдневно гледаме разбојништва во напуштениот индустриски капацитет и Треска веќе одамна е прибежиште на крадци, бездомници и наркомани. Стравуваме за безбедноста на нашите животи и безбедноста на нашите деца, кои наместо да живеат во урбанизирана населба сред центарот на Скопје, во своите дворови гледаат наезди од инсекти, змии и стаорци.
Практично од самото затворање на фабриката, оваа локација е потенцијална опасност не само за нас жителите, туку и за сите граѓани на Скопје, и бараме итно решавање на проблемот и конечно урбанизирање на овој дел од градот. Од нашето уставно загарантирано право на достоен живот нема да се откажеме, а денешниот пожар е само уште една потврда дека овде до овие рушевини повеќе не е безбедно да се живее.

Стравуваме дека може да има нови експлозии и нови поголеми пожари, а нашите повици за урбанизација на оваа локација не доаѓаат само поради денешната катастрофа, туку поради сè понеподносливите услови за живот.
Како и сите граѓани, и ние сакаме отворени прозори со свеж воздух и зеленило, а не смрдеа, страв од разбојници и живот на депонија“, вечат жителите во работничките станови на Треска.






