Ѓубре има и на едната и на другата страна на Вардар, односно и во општина Аеродром во Долно Лисиче, и кај што добредојде ќе ви посака општина Гази Баба, односно кон Јурумлери. Депонијата ја гледа секој што ќе помине по овој пат, а за чистење има и за двете општини.
Ние со години пишуваме, па за волја на вистината, оваа депонија беше исчистена и беше најавено дека Град Скопје ќе постави инспектори што ќе казнуваат и ќе контролираат кој овде фрла, оти очигледно народот е тој што ѝ прави неправди на природата без грам грижа на совест и создава извор на зараза.

Четврта година по ред МКД.мк пишува за овој проблем, ама трајно решение никој не најде. И местото се полни и се полни со ѓубре, а таму се истураат и цистерните полни со фекалии од септичките јами што се чистат во општина Гази Баба, каде што сѐ уште нема фекална канализација.

Во август пред 2 години на ова место изби пожар, па така тука се собраа надлежните.
Комуналните служби на Општина Аеродром во соработка со Град Скопје во декември 2021 ја исчистија една од најголемите диви депонии, која е во Долно Лисиче. Општината тогаш извести дека се воведува и сменска работа на инспекциските служби, кои постојано ќе бидат на терен и ќе ги едуцираат жителите, а во краен случај и ги казнуваат несовесните граѓани што фрлаат шут и отпад на јавни површини.

Но две години потоа казни и инспектори на местото нема, а наместо тоа, врие од ѓубре и глувци.

„Ова зачестено чистење на депониите дава свој придонес во борбата против загадувањето. Остануваме посветени на одржување и зачувување на јавната чистота затоа што аеродромци заслужуваат да живеат во здрава и хумана средина“, изјавија општина Аеродром тогаш откако се исчисти депонијата.

Долгогодишното пишување на нашата редакција и фотографирање и снимање на ова место само привремено го решаваа проблемот, ама свеста на граѓаните за чиста животна средина никако да се крене, ниту пак надлежните се тука за да видат како секојдневно се фрла ѓубре, а казни нема.

И да, депонијата и негрижата за животната средина си ја правиме ние самите, но природата ни враќа, па на ова место се котат глувци, се шири смрдеа и станува потенцијален извор на зараза.

Очекуваме одговори од надлежните, но и активности за трајно решавање на овој проблем, за кој алармираме и пишуваме со години.
К. Додевска
Фото: Роберт Атанасовски






